Црногорците почнаа да се вакцинираат со „Спутник V“ од донацијата од Србија

Со инјектирањето на првата доза од руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“ на корисниците и вработените во еден пензионерски дом, во сабота во Црна Гора започна имунизацијата со вакцината која ја донираше Србија.

Вакцинирани се вкупно 79 штитеници и вработени во домот за стари и немоќни лица во Рисно, вклучително и тамошниот лекар Никола Поповиќ, пренесуваат црногорските медиуми.

„Сметам дека ова е почеток на успешната борба со овој вирус и дека на крајот ќе излеземе од карантинот во кој сме речиси цела година. Мојата порака е дека вакцината, покрај носењето на маските и одрживањето на дистанцата, е единствената шанса да го победиме коронавирусот“, изјави Поповиќ.

Според црногорската стратегија за вакцинирање, во првиот круг се корисниците и персоналот во домовите за страри лица и здравствените работници и епидемиолози.

Две илјади дози од вакцината „Спутник V“ во Црна Гора на 17-ти февруари ги предаде српската премиерка Ана Брнабиќ.

Црногорската министерка за здравство Јелена Бојовиќ Боровиниќ неодамна најави дека до крајот на февруари во земјата ќе пристигнат 30.000 вакцини на кинески „Sinopharm“, како донација од Кина и уште 5.000 дози од руската „Спатник V“, а до крајот на март се очекуваат 50.000 дози од вакцините кои се купени директно од Русија.

Во Црна Гора од почетокот на годинава бројот на новите дневни случаи изнесува околу 500 или 0,1 отсто од популацијата. Од почетокот на епидемијата на коронавирусот во земјата од пред една година во Црна Гора се заразени вкупно 71.593 лица, или речиси 12 отсто од населението, а починале 939 луѓе.