Црногорската полиција извести за заплена на 5 тони кокаин на брод крај Венецуела

Вкупно пет тони кокаин се пронајдени на бродот „Aressa“ кој во меѓународна операција го пресретнала полицијата во водите на Венецуела, објави во средата попладнето црногорската полиција.

„Во претресот на бродот ‘Aressa’ пронајдени се уште четири тони кокаин, па вкупно засега се откриени пет тони. Продолжува натамошната истрага, а за резултатите јавноста благовремено ќе ја известиме“, соопшти на својот профил на Twitter полицијата на Црна Гора, откако претходно во средата соопшти дека е откриен тон кокаин.

Според информациите на подгоричкиот портал Вијести, во оваа акција покрај црногорската, биле вклучени и полициите на Србија, Велика Британија и на Холандија. Уапсени се четворица државјани на Црна Гора, кои биле дел од екипажот на бродот „Aressa“. Според весникот, станува збор за тројца возрасни жители на Котор и еден на Цетиње, и ги идентификува како Васко Радоњиќ (50 годишен), Никола Маркиќ (29), Михајло Ѓорѓевиќ (58) и Драгољуб Живковиќ (67).

Бродот со кој била пренесувана дрогата пловел под знамето на Камерун, а шпанските медиуми наведуваат дека испловил на почетокот од февруари од Суринам, и по кусото вкотвување во пристаништето Гваранао во Венецуела, патот го продолжил кон Солун.

Операцијата за апсење ја иницирала полицијата на Црна Гора која повеќе месеци ја следела оваа криминална група, по што информациите ги проследила до партнерските служби во Велика Британија.

„Бродот ‘Aressa’ е лоциран и надгледуван по должината на целата рута на пловидба крај Јужна Америка, со специјални мерки на надзор при секое влегување и излегување од пристаништата. По добивањето на оперативните податоци дека кокаинот е уфрлен на бротот, холандската морнарица во Аруба го пресретна бродот и започна со детален претрес“, соопшти уште Управата на полицијата на Црна Гора.

Кон средината на минатата 2019 година, исто така, црногорски морнари беа упасени во рекордна заплена на кокаин во САД. Американските власти тогаш во пристаништето во Филаделфија, на бродот „MSC Gayane“ открија 20 тони кокаин. Од шестмината уапсени поморци од овој брод, четворица беа црногорски државјани.