Црногорски суд денеска одлучува за продолжување на притворот на епископот Јоаникије

Истражен судија во суд во Никшиќ денеска ќе одлучува за тоа дали на епископот будимљанско никшиќчки Јоаникије и осуммина свештеници на СПЦ ќе им одреди притвор до 30 дена или ќе ги пушти да се бранат од слобода.

Владиката и свештениците се осомничени дека ги прекршиле мерките на Националното координативно тело воведени со цел спречување на ширењето на коронавирусот. Тие беа уапсени за организирање поворка во Никшиќ во вторникот со илјадници граѓани, и покрај забраната за собири.

Во неколку црногорски градови синоќа се судрија полицијата и демонстрантите кои бараат ослободување на епископот Јоаникије и свештениците на СПЦ.

Според црногорската полиција, во судирите се повредени 26 полицајци, а повеќе од 50 лица се приведени. Доцна попладнево во Никшиќ и неколку други градови имаше повторно собирања на граѓани пред Центарот за безбедност, но без инциденти.

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ нагласи денеска дека Црна Гора била изложена на брутален напад поради масовни собири што може да имаат несогледливи последици по здравјето на црногорските граѓани. Тој, исто така, имаше недвосмислена порака за сите – не мора да ја сакате Црна Гора, но мора да ја почитувате.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.