Црвенило на лицето на премиерот Заев

Пишува: Петар Милетиќ, советник во Општина Центар

За почеток ќе ви кажам еден виц, а кој патем накратко го елаборира политичкиот контекст во Македонија. Заев му се жали на Филипче: „Пуштив брада зошто ми излезе некое чудно црвенило на лицето“. Министерот, доктор Филипче му одговара: „Дај да видам, да не е, не дај Боже, срам?“

Да ги информирам и смирам сите симпатизери на Заев дека станува збор за виц и дека премиерот нема, ниту ќе има црвенило на лицето наречено срам. Ако сте сé уште вознемирени, обидете се да се смирите со дијапазанче и за 2 до 3 минути ќе почувствувате дека сидрото повторно ќе ве влече напред.

Од понеделник ќе стапат на сила мерките кои ги донесе човекот со брада кој пие  дијапазанче и човекот кој во последно време доби малку на тежина, а е актуелен Министер за здравство. Епа ајде да ги прашам: Свесни ли сте дека со овие мерки им го ускратувате на граѓаните основното уставно загарантирано право? Дали ви е јасно дека го делите народот и го носите во голем судир кој ќе продуцира огромно меѓусебно нетрпение на повластени и дискриминирани? Веројатно знаете дека ширачи на вирусот се и невакцинираните и вакцинираните, така? Од друга страна, јасно ви е дека дури и две примени дози не се гаранција, а кога станува збор за делта сојот, на сите во светот им е јасно дека ниту 10 дози нема да помогнат.

Ако е така, а знаете дека е така, како може да го присилувате народот и жителите на Република Македонија да прават нешто што не е по нивна волја и да им го одземете правото да одлучуваат за својот живот?

Всушност, имате чувство и мислите на народот, но само на оној рамковниот, оној дел кој слави кога ќе сака, оди во угостителски објекти како сака и око не им трепнува за вашите мерки и забрани. А вие, молчите, трпите, не гледате, не слушате. Забраната за премиерот Артан Груби нé важи, а неговиот заменик, брадестиот Зоран Заев вредно носи над двеста економски мерки со кои ќе врши поткуп на гласачите на идниве локални избори. Секоја чест замениче!

Лично, не сум против вакцинацијата, но се залагам за правото на секој граѓанин по свое убедување да одлучи како ќе постапи со вакцинирањето.

Народе македонски, српски, албански, ромски, турски, бошњачки, еврејски и сите останати, ова е битка за Вашата лична слобода, за Вашите работни места, за Вашата иднина и интегритет. Увидовме дека сегашнава Влада предводена од сервилни манипулатори сака на наша сметка да ги уживаат сите бенефити и да ни ги одземе нашите загарантирани човекови права. Не дозволувајте насила да ве тераат да се вакцинирате, не дозволувајте да ви се закануваат со отказни решенија ако не се вакцинирате, не дозволувајте да ве примораат да одлучувате помеѓу работното место и вакцинацијата. Никој, никого не може да натера да прими лек, вакцина, медицинска процедура без негова согласност, ниту таа одлука смее да биде наметната со сила. За сé е потребна Ваша доброволност.

Запомнете дека забрадениот премиер под брадата нема никогаш, никогаш да му се појави некакво црвенило на лицето, бидејќи ниту тој, ниту Венко Филипќе знае што е тоа срам.