Црвениот крст одбележа 74 години постоење

Дваесет години од меѓународното признавање на Црвениот крст на Македонија

Бране Стевковски веќе 55 години е волонтер и крводарител во Црвениот крст. Да се помогне некому, посебно кога е во прашање здравјето на еден човек и можноста барем за миг да заборави на своите грижи е прекрасно чувство кое тешко се опишува со зборови, вели Стефковски.

Крводарителството е волонтерско, но и анонимно. Така што ние никогаш не знаеме кому му треба и кому ќе ја дадат крвта, во тоа е и убавото во волонтерството. Убаво е чувството кога треба да организирате акции, јас и организирам крводарителски акции кога треба крв за одредена личност и има крвна група која е многу ретка и кога ќе се потрудиме да најдеме такви личности и веднаш ќе отидат во трасфузиологија да ја даруваат својата течност, вели Стевковски.

Радува и фактот дека голем број млади луѓе се повеќе се пријавуваат за волонтери.

За време на мигрантската криза имаше големи активности на јужната граница, се работеше активно година и нешто, ако не и две години. Активно сме вклучени сеуште на таа граница со давање на прва помош, вели волонтерката Наталија Крстевска.

Благодарение на заложбите на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина денес можеме да кажеме дека постои висока свест и информираност за крводарителство, велат надлежните институции.

Што значи дека Македонија, односно благодарение на овие заеднички напори, не се соочува со недостаток на крв и крвни продукти или како што ние секогаш истакнуваме и најважно како наш приоритет е дека „Крвта секогаш треба да го чека пациентот, а никогаш да не биде обратно, вели Александра Валкановска од Црвен крст на Град Скопје.

Последниве десетина години и немаме проблем со крводарувањето во Р. Македонија, одлична соработка со Црвениот крст и верувам дека и понатаму ќе продолжиме на оваа патека, рече д-р Горан Андонов, раководител на оддел за планирање, организација и реализација на крводарителство.

Во последниот бран со мигрантската криза, природните непогоди и катастрофи, социјалните проблеми Црвениот крст ја имаше водечката улога во организацијата, помошта и поддршката на оние на кои тоа им беше најпотребно. Денес Црвениот крст кај нас брои  6 до 7.000 волонтери. На ниво на глобално движење во светски рамки бројката е 14 милиони волонтери. Секој кој сака да си го најде своето место во Црвениот крст и има доволно време и желба може да се јави и да волонтира, бидејќи чувството да помогнете некому е нешто на кое за жал многумина забораваат во ова брзо темпо на живеење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.