Црвенковска ја поздравува постапката на Антикорупциската комисија за проверка на нејзината имотна состојба

Претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска очекува Државната комисија за спречување на корупцијата која отвори постапка за проверка на нејзиниот имот, да ги разреши дилемите, како што вели, што се појавија во јавноста откако оштетените штедачи во пропаднатата Еуростандард банка ја обвинија за инволвираност на нејзиното семејство во малверзации со кредит од оваа банка.

– Ја поздравувам постапката што ја отвори Државната комисија за спречување на корупцијата. Ја чекам нивната одлука по што транспарентно ќе одговорам на интересот на јавноста – вели Црвенковска која неодамна беше избрана за претседателка на Судскиот совет во изјава за Плусинфо.

Таа тврди дека нејзиното семејство не е инволвирано во какви било малверзации со кредити, а обвинувањата на штедачите, веднаш по нејзиниот избор, ги оквалификува како обид за лична и професионална дискредитација, настрана што нејзиниот избор беше едногласно поддржан од членовите на Судскиот совет.

Предметот во Антикоруписката комисија е отворен по допрен глас откако Здружението на оштетените штедачи во Еуростандард банка излегоа со обвинувања дека сопругот на Црвенковска, преку фирмата „Екопласт рисајклинг“ зел кредит од 1,6 милиони евра кои не ги враќал речиси две години, а објавија и дека нивната ќерка била вработена во банката. Земениот кредит не бил пријавен во анкетниот лист на претседателката на Судскиот совет, што предизвика и реакција на антикорупционерите кои најавија постапка за имотната состојба на Црвенковска која, пак, веднаш објасни дека во фирмата за која бил земен кредитот почнала стечајната постапка, отворена една година пред нејзиниот избор за член на Судскиот совет, кога и го поднела анкетниот лист.

– Со денот на отворање на стечајна постапка, е именуван стечаен управник кој целосно управува со друштвото во стечај и ја има целосната капитална контрола заедно со другите органи, стечајниот судија и одборот на доверители. Од тој ден мојот сопруг повеќе нема капитална поврзаност со фирмата „Екопласт рисајклинг“, што значи дека нема што да се пријави во анкетниот лист поврзано со неговиот удел и кредит – објасни Црвенковска.

Компанијата „Екопласт рисајклинг“, како што изјави Црвенковска, од 2014 до 2018 година работела активно, имала педесетина работници, остварувале извоз на пазарот во Италија и во Турција и остварувала приходи во милионски износи.

– Затоа „Екопласт“ редовно ги плаќаше достасаните обврски кон сите, вклучувајќи ги и тие кон банката. Поради објективни причини, односно поради сериозно нарушени услови на пазарот во светски рамки, а особено во Европа, во 2018 година беше неопходно да се запре производството и да се отпуштат сите вработени. Во такви услови ликвидноста на фирмата не овозможуваше понатамошно сервисирање на обврските кон банката. Уште веднаш фирмата започна со барање на стратешки партнер за рестартирање на производството, но до затворање на банката не се постигна договор со заинтересираните партнери – детално објасни претседателката на Судскиот совет што се случувало со фирмата на нејзиниот сопруг. Банката била веднаш известена дека фирмата се затвора и дека по склучување на договор со стратешки партнер обврските во целост ќе бидат реализирани.

Освен за случајот со „Екопласт рисајклинг“, антикорупционерите се заинересираа и за анкетниот лист на новата претседателка на Судскиот совет во кој таа има пријавено дека поседува стан од 20 метри квадратни, кој го стекнала од наследство во вредност од околу 1,2 милиони денари. Како заеднички имот со сопругот има наведено дека поседува накит, уметнички предмети, а на име на сопругот е наведено дека поседува глисер, камп приколка, автомобил марка „матиз“.

Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциската комисија, како што објавивме вчера, изјави дека, Црвенковска треба да каже кои се членови на нејзиното семејство и дека во анкетниот лист немало матичен број од нејзиниот сопруг.

– Потоа, тој матичен број мора да се потврди од МВР, па понатаму да тече целата постапка. Судијката тоа треба да ни го каже, за понатаму ние да можеме да ја обезбедиме целокупната документација и да донесеме заклучоци. Затоа мораме сите чекори да ги одиме по ред – рече Ивановска за отворената постапка во Државната комисија за спречување на корупцијата.