Црвеното Море помалку ризично за руската нафта

Кризата во Црвеното Море значително го намали транзитот на комерцијалните бродови, но танкерите кои превезуваат руска нафта главно минуваат низ регионот непречено, со помал ризик од нивните конкуренти, велат претставници на бродската компанија, аналитичари и податоци за трговските текови.

Од ноември, јеменското движење Ансар Алах ги напаѓа бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море, барајќи прекин на израелските воени операции во окупираниот палестински Појас Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците. САД и Велика Британија одговорија во средината на јануари со напади врз цели во Јемен со образложение дека сакаат да ја обезбедат непречената пловидба. Јеменската група го прошири списокот на цели во кој вклучи бродови поврзани со САД и Велика Британија.

Во меѓувреме, бројни логистички компании ги пренасочија бродовите околу ‘Ртот на добрата надеж, што значително го продолжува патувањето и ги зголемува трошоците.

Од почетокот на руската инвазија во Украина, руските извозници превезуваат стоки главно преку Црвеното Море поради европските санкции. Најголем дел од руската нафта сега оди во Кина и Индија, а пред војната главен купувач беше Европа.

Во изминатите две седмици пловидбата на танкери со нафта низ Црвеното Море имаше значителни прекини. Испораките на дизел и авионско гориво од Блискиот исток и Азија во Европа се запрени во деновите од првиот бран американски и британски напади врз Јемен, покажуваат податоците на аналитичката компанија „Vortex“.

Истовремено, бројот руски бродови кои транзитираат по Црвеното Море е само малку намален од декември, според „Vortex“, а минатата седмица бил сè уште за околу 20 отсто поголем од просекот во 2023 година.

Бродовите со руска нафта главно немаат директна поврзаност со Израел, САД и Велика Британија. Тие се ангажирани и осигурени од компании регистрирани во земји кои не воведоа санкции кон Русија. Членките на групата Г7 се заканија со санкции против осигурениците и превозниците кои сервисираат руски барели кои се поскапи од 60 долари.

Бидејќи нивните врски со западните компании не се видливи, овие бродови се со помала веројатност да бидат цел на напад. Целта се бродови поврзани со одредени земји, нагласува за Reuters трговецот со нафта Ади Имширович.

Многу руски товарни бродови сигнализираат дека не се поврзани со Израел со Системот за автоматска идентификација (AIS), кој емитува низа информации, вклучувајќи ја и позицијата и дестинацијата на бродот, вели аналитичарката на „Vortex“, Мери Мелтон.

Минатонеделниот напад на јеменското движење на танкер со гориво натоварен во Русија веројатно нема да влијае на транспортот на руска стока бидејќи бродот стана цел поради неговите врски со британски и американски компании, додава Мелтон.

„Танкерот беше поврзан со корпорации со седиште во САД и Велика Британија, така што другите бродови што превезуваат руски товар, кои не се поврзани со такви компании, не се соочуваат со сличен ризик“, рече таа.

Испораките на руската нафта ќе продолжат, под услов договорот да се плати и да се обезбеди осигурување, со оглед на нивото на побарувачка од Индија и Кина, изјавил за Reuters Иан Вилкинсон, потпретседател за продажба во „Inchcape Shipping Services“.

Западните танкери, во меѓувреме, најверојатно ќе ја избегнат рутата на Црвеното Море и ќе пловат околу ‘Ртот на добрата надеж, смета Шефали Шокин, водечки аналитичар за бродски превоз во бродосопственик со седиште во Дубаи.

Логистичките компании, во секој случај, очекуваат зголемени трошоци. За рутите низ Црвеното Море, бродските компании наплаќаат повеќе товарни такси и надоместоци за членовите на екипажот, а се зголемија и премиите за осигурување од воени ризици.

Компензацијата на екипажот сега е двојно поголема, а премиите за воен ризик сега се околу еден процент од вредноста на бродот, двојно повеќе од она што беше пред околу две седмици, без попусти, велат извори од индустријата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.