Цукерберг пред ЕП се извини за пропустите и злупотребите на Facebook

Сопственикот на Facebook, Марк Цукерберг, во вторникот вечерта во Европскиот парламент се извини за пропустите во заштитата на личните податоци на корисници, како и за кампањите за дезинформирање преку најголемата социјална мрежа.

„Стана јасно во текот на последните години дека не сме сториле доволно да спречиме нашите алатки да се злоупотребуваат. Тоа важи за лажните вести, странските мешања во изборите и злоупотребите на информациите за луѓето. Не ги согледавме доволно широко нашите одговорности. Тоа беше грешка и жалам поради тоа“, кажа Цукерберг пред челниците на политичките групации во Европскиот парламент и додаде дека на неговата компанија „сигурноста на луѓето секогаш ќе ѝ биде поважна отколку удвојувањето на добивката“.

Компанијата Facebook е погодена од криза на довербата на корисниците, огласувачите, вработените и вложувачите откако Цукерберг призна дека податоците за околу 87 милиони луѓе, главно од САД, дошле во посед на британската компанија Cambridge Analyticа која ги користела во политички кампањи, и влијаела и на кампањата за истапувањето на Велика Британија од Европската унија.

По избувнувањето на скандалот, во Соединетите држави и во Европа, отворени се неколку официјални истраги, а Цукерберг веќе неколкупати се извини поради нарушувањето на приватноста на корисниците на најголемата социјална мрежа на светот.

„Во 2016 година пребавно го воочивме руското мешање на Facebook во текот на претседателските избори во САД …. Не бевме доволно подготвени за координирани кампањи на дезинформирање за коишто сега сме свесни… Сега го удвојуваме бројот на луѓето коишто работат на безбедноста на повеќе од 20.000 до крајот на оваа година“, призна основачот на социјалната мрежа.

Притоа Цукерберг најави и дека до крајот на 2018 година Facebook ќе вработи 10.000 луѓе во европските земји.

„Европејците се голем и неверојатно важен дел од нашата глобална заедница. Споделуваме многу вредности за кои на Европејците им е многу важно, од важноста на човековите права, потребите на заедниците до љубовта по технологијата, со сите потенцијали коишто ги носи. Мојот приоритет секога беше нашата социјална мисија…Длабоко верувам во она што го работиме“, заклучи Цукерберг.

Разговорот меѓу лидерите на политичките групи во ЕП и главниот извршен директот на Facebook според планираното требаше да се одржи зад затворени врати, но бидејќи јавноста и неколку пратеници се спротиставија на тоа, беше решено исказот на Цукерберг да биде во живо пренесуван на интернет.

Во преносот можеше да се слушне како европратеникот Ги Верховштад го прашува Цукерберг дали сака да биде запаметен како „гениј кој создал дигитално чудовиште“, а Најџел Фараж коментираше дека Facebook не е политички неутрална платформа, што се гледа по дискриминацијата на коментарите на корисниците коишто се со десна политички убедување.

Исказот на Цукерберг доаѓа три дена пред стапувањето на сила на новиот европски закон за подобра заштита на личните податоци.