Д-р Баловски апелира младите да не го потценуваат актуелниот делта сој на ковид-19 кој е со тројна мутација

Делта сојот е ризик за младите на возраст од 18 до 30 години. Симптомите се поинакви, но само на почеток, потоа состојбата драматично се влошува, вели пулмологот доктор Марјан Баловски од болницата „8. Септември“ за ТВ 24.

Според него, овој бран има разлика во симптомите на заразата.

– Во почетокот можете да имате главоболка, кивавица, течење на носот и да помислите сте седеле под клима или сте возеле со отворен прозорец, или да мислите дека баш сега сте добиле алергија за првпат. Најчесто младите мислат дека не е ништо сериозно, а го шират вирусот, па затоа сакам да испратам еден апел до сите кои првично сметаат дека имаат симптоми на алергија или настинка да се изолираат поради можноста да се преносители на ковид-19 – вели Баловски.

Баловски вели дека треба да бидеме подготвени за новиот – ламбда сој кој е со тројна мутација

– Се работи за тројна мутација. Постои, кај и да е ќе дојде кај нас. Секој да даде личен допринос и едноставно да ги почитува правилата за да спречиме несакано губење на животи – рече пулмологот.

Пулмологот апелира граѓаните да се вакцинираат зашто тоа е единствена заштита од сите соеви на коронавирусот.