Д-р Даниловски: Потребно е комплетно затворање за викенд

Треба да се спроведе комплетно затворање само за време на викенд. Значи еден викенд 24/7 да се затвори општеството. Можеби не на територија на цела држава, туку само на тие подрачјата каде растот на заболени од ковид-19 е најголем. Тоа значи буквално само продавниците за храна да работат и аптеките. Тоа може да го запре наглиот раст, оваа брзина на растење на бројките со цел да не дојде до колапс на здравствениот систем. Убеден сум дека бизнисите, угостителите ќе можат да издржат краткотрајно затворање. Сметам дека мерките треба да се дополнат со вакви краткотрајни затворања за време на викенд.

Ова вечерва го истакна епидемиологот Драган Даниловски во емисијата „Топ тема“ на телевизијата Телма.

Тој посочи дека потребни се 520.000 дози вакцини за да се вакцинираат 257.000 луѓе. Тој појасни дека дошол до оваа бројка врз основа на на податоците добиени од страна на Институтот за имунологија и врз основа на еден програм што користи податоци за бројот на заболени, на починати и на тестови.

– Оваа пресметка е ако претпоставките се некаде дека 46 проценти од населението е веќе имуно на ковид-19. Симулацијата, односно оваа пресметка што ја спомнав, кажува дека речиси сме на прагот дека секој втор имал контакт со вирусот. Се разбира, врз основа на едни студии во Израел и во Катар, едната е на 12.000 здравствени работници што прележале вирус, другата е на 40.000 граѓани се покажа дека за 35 недели колку што ги следеле само 0,02 проценти заболеле, а добар дел од нив немале антитела, така што излегува дека и оној т.н. клеточен имунитет штити од повторна инфекција – рече Даниловски.

Тој додаде дека се препорачува за прележаните да се вакцинираат само со една доза и тоа не пред 5 месеци од прележувањето.

Заменик-министерот за здравство Илир Хасани рече дека секој ден очекуваат дека вакцините ќе стигнат и тоа го најавуваат во неколку наврати.

– Реално мислам дека ќе стигнат, но не барајте датуми, затоа што иако е многу голем интересот, ние сите очекуваме вакцините да стигнат што побргу. Но, сепак, тоа не зависи од Владата. Во соседна Албанија веќе се стигнати вакцините и тоа е оптистички знак дека и ние сме вклучени во овој процес – потенцира Хасани.

Во однос на нарачката на вакцините на „Фајзер“ тој посочи дека е започната во многу рана фаза и додаде дека во текот на целиот период од компанијата бараат дополнителни информации и секојдневно бараат дополнителни потпишувања пред да се потпише главниот договор.

– Тоа што е побарано од наша страна е доставено во најкраток временски рок. Меѓутоа, одговорот е многу спор, многу споро се оди и реално е многу тешко да се предвидува дека вакцините ќе стигнат во некој си рок што го најавуваат од „Фајзер“. Очекуваме секој момент да стигне големата пратка.   Директно овластен што се ангажира со набавката на вакцина и со Кина и со „Фајзер“ е министерот Венко Филипче – рече Хасани.

Во врска со мерките, Хасани истакна дека за да може да се види ефектот треба да поминат најмалку седум дена до две недели.

– Мерката што е преземена е оправдана и ние треба да очекуваме ефект од таа мерка. За некој личи дека е блага. Меѓутоа, има зошто е поставена таа мерка од 22 до 5 часот. Прва работа е тоа што е утврдено дека најголемиот број, значи старосната граница се поместува од постара кон помлада возраст, тоа значи дека и смртните случаи се поместуваат кон помладите. Утврдени се многу непочитување на мерки и правење на приватни журки во домови и во кафеани. Ако се прашуваат здравствените власти ние би биле уште поригорозни во поставување на мерките. Меѓутоа, навистина треба да се најде таа златна линија што е многу тешко да се одреди – додаде Хасани.