Д-р Шеклер: Не кревајте паника поради омикрон – симптомите се благи, поминуваат за три дена

Српскиот виролог и микробиолог Миланко Шеклер вели дека во овој момент треба да се слушаат лекарите од Јужноафриканската Република кои го открија омикрон.

Шеклер, еден од експертите на тимот на Ветеринарниот институт во Краљево, за РТС посочува дека лабораториските резултати мора да ги чекаат експертите во Јужноафриканската Република, кои го пријавија новиот сој. Тој забележува дека овие лекари имаат увид и велат дека симптомите се благи.

„Во овој момент можеме веродостојно да го коментираме само она што тие го коментираат во медиумите“, смета Шеклер.

Тие цело време, како што наведе Шеклер, го велат следново – симптомите се многу благи, се разболуваат помлади, повеќе од половина биле невакцинирани.

„Симптомите се благи и кај оние кои не се вакцинирани, а кај оние кои се вакцинирани често се асимптоматски, нема ништо. Ова се изјавите што ги дадоа овие лекари“, додаде Шеклер.

Посочува дека клиничките знаци се полесни, има лесен пренос, но нема пневмонија, температурата е многу ретка, претежно потење и поминува за два-три дена.

„Не треба да се паничи, туку да се слушаат луѓе кои имаат увид и кои тоа го разбираат. Лекарката која го испратила првиот случај е претседателка на здружението на здравствени работници и лекари на Јужноафриканската Република, која е од светски ранг“, посочува Шеклер.

Напомена и дека новиот сој е откриен со постоечките тестови, што значи дека тие работат и кај омикрон.

Шеклер наведува дека експертите веруваат дека ова може да биде почеток на губење на моќта на вирусот, бидејќи, иако веројатно полесно се пренесува, тој е помалку патоген, а симптомите се поблаги.