Д-р Скано од СЗО оценува: Состојбата во Македонија е загрижувачка

Последново деноноќие се регистрирани 153 нови случаи со Ковид-19 од вкупно извршени 1.279 тестови. Има 75 оздравени пациенти, додека 6 лица починале. Тие биле на возраст од 53 до 80 години. Скопје има најголем број заразени со 66 нови случаи, по што следува Тетово со 20, па Куманово и Штип со 13 и Ресен со 12.  Струга и Охрид имаат по 7, Кичево – 6, Свети Николе – 3, Прилеп – 2, Битола, Крива Паланка, Кочани и Пробиштип по 1 случај.

Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека земјава моментно се соочува со вториот бран на вирусот, кој е посилен од првиот.

Претставникот на Светската здравствена организација, Фабио Скано, кој престојува во земјава, изјави дека сега не е време за олеснување на мерките, а фокусот треба да биде на раната идентификација на заразените.

„Тоа што го гледаме во Македонија е загрижувачко. Не треба да ги олеснуваме мерките за заштита сè додека не се најде вакцината. Неопходно е да се вклучи општеството и да се продолжат мерките за заштита. Резултатот од непочитувањето на овие мерки може да биде експлозивна состојба која сериозно ќе ѝ наштети на економијата“, рече Фабио Скано, СЗО.

Според најновите податоци, вкупниот број на пациенти дијагностицирани со „Ковид-19“ во нашата земја е 5.595, од кои 2.166 оздравеле, а има 265 починати. Активни се 3.164 случаи.