Д-р Зафировски: Лекот за короната е во градење на стратегија, а не во водење на дневна политика

Во државите во светот се зборува за опоравување од корона кризата, секаде опаѓа бројката на новодијагностицирани со Ковид-19. Но за, жал само кај нас таа расте, ова денеска преку прес-конференција за јавноста го истакна доктор Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Само ние зборуваме за висок број на новозаразени, само ние броиме починати од корона. Само кај нас уште трае играта со полицискиот час. Македонија уште сега го живее вториот бран на корона вирусот, инаку очекуван за есенва. Толку беше од успехот на надлежните во справување корона кризата. И сега, наместо да се повикуваат на Комисијата за заразни болести која загуби секаков кредибилитет поради тоа што потклекна на силниот политички притисок од власта, треба да се потрудат да ја стават под контрола епидемијата. Се знае и лекот за тоа, лекот се струката и здравствените професионалци во градење на стратегија, а не во водење на дневна политика, вели Зафировски.

Тој додава дека затоа се потребни професионалци кои ќе постапуваат само според стандардите и светските протоколи за лекување на Ковид – 19, се во името на здравјето на нашите граѓаните.

-Во претстојниот период што доаѓа треба да бидеме уште повнимателни да не ни се случи и трет бран во континуитет. Да не дојдеме во ситуација да оваа игра со неколкудневен карантин трае и подолго. Дури кога ќе се воспостави контрола на епидемијата со корона вирусот и кога ќе почне состојбата да се нормализира, тогаш ќе зборуваме за други теми. Сега единствена цел на сите инволвирани во оваа епидемија треба и мора да биде само здравјето на граѓаните. Оние кои се покажаа некомпетентни, некадарни време е да си заминат. А, во однос на политичарите кои толку го сакаат својот народ наместо да се мешаат во здравство или пак да собираат некои евтини политички поени. Нека се зафатат во решавање на тешката економска криза, во која што тоне цела Македонија, потенцира Зафировски.