Д-р Жан Митрев за синот: Жал ми е што избрал најстрашен и најбесмислен пат во животот

Д-р Жан Митрев за Сител открива дека неговиот син Филан кој во судот во Франкфурт е обвинет за тероризам, живеел во Германија и тој немал контакт со него последниве неколку години. Д-р Митрев смета дека синот Филан избрал погрешен пат и за тоа треба да сноси одговорност.

Д-р Митрев во изјавата вели дека со синот контактирал до пред шест години, но, дека сега треба да сноси одговорност за своите дела.

-Додека беше малолетен, се обидував да му помогнам колку тоа беше можно од далечина на 2000 километри. Но, беше тргнат по погрешен пат и пред 6 години се прекина контактот. Тој сега е 25 години и ако се огрешил пред законот ќе си ја сноси одговорноста. Многу ми е жал што како млад човек со сите можности, избрал најстрашен и најбесмислен пат во неговиот живот“, изјавил Митрев за Сител.

На Филан Митрев, син од првиот брак на д-р Митрев, му се суди во судот во Франкфурт за планирање терористички напад. Младиот Митрев беше уапсен во ноември 2019 година, и од тогаш до судењето, кое почна на 2 септември, се наоѓаше во притвор.

 

Судењето, според пишувањето на германските медиуми го следи неговата мајка, која е Германка, по пофесија медицинска сестра.

Филан пред неколку години ја променил својата вера и преминал во ислам, а германскиот медиум сега го опишува како радикален исламист припадник на салафисти-џихадисти.