Да дојдеш да го земеш твојот дивјак: Kон дете со пречки во говорот, се однесуваат како со куче

Никој од наставниците во О.У Владо Тасевски не работи со 11 годишниот Богдан кој има попречен говор, ќе му фрлат една топка како на куче, и не му обрнуваат внимание, постојано ми вршат притисок да го носам во друго училиште – вака ја започнува својата приказна самохраниот родител Ангел Здравков. Тврди дека на неговиот син не му е овозможено да учи како другите деца, објави Алфа.

-Безброј пати тоа што се случува, ми се случи и денеска. Ми се јави педагогот, вели „да дојдеш да го земеш твојот дивјак, бев навреден со секакви вулгарности – вели Ангел Здравков.

Иако законот за образование дозволува целосна вклученост на децата со попреченост во редовните училишта, раководството на ова школо смета дека на малиот Богдан местото не му е таму. Ова го револтира неговиот родител кој се чувствува беспомошно и ги повикува надлежните да не останат глуви на неговите барања.

-Поголеми стручњаци кажаа дека е добро сите деца да учат во нормални училишта, да совладуваат и да напреднат повеќе. Затоа ги повикувам Царовска и Шахпаска да дојдат и да видат, дали ова дете има право да учи, ако не превземат ништо, јас ќе ја земам правдата во свои раце – вели Здравков.

Од училиштето велат дека во текот на овие две години, од Општината биле пратени шест асистенти кои за една до две недели се откажувале од работата оти за детето била потребна посебна грижа, а нивните напори не вродиле со успех.

-Правиме тимски максимални напори да стекне навики, умеења и вештини, но без успех во практикување на истите од страна на детето. Вклучени се педагог, дефектолог, психолог и општината Карпош за да се помогне на детето да ги стекне основните животни навики, но без успех – вели директорката на О.У „Владо Тасевски“, Елка Даскалова.

Директорката вели дека побарале од надлежните институции да го категоризираат детето, односно да го запишат во школо за деца со попреченост. Но она што го загрижува овој родител е зошто кога има закон за инклузија на децата со попреченост, образовните институции не создадат услови, истото да се реализира.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.