Да се биде или не за Арсенал и Милан

Голема е веројатноста дека фудбалерите на Арсенал и на Милан денеска го играат последниот натпревар во годинашното издание од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Реванш 1/8 финалниот натпревар против актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн (М), лондонскиот премиерлигаш Арсенал го стартува со негатива од два гола, а целата ситуација добива уште повеќе на тежина затоа што вториот дуел помеѓу големите ривали се игра на “Алианц Арена” во Минхен.

“Јас верувам во успех, но мора да одиграме без грешка, да одиграме квалитетно, да веруваме во себе. Сите сме убедени, веруваме дека можеме да приредиме вистинско изненадување во Минхен. Се е можно, Арсенал е доволно квалитетен и амбициозен. Мора да ги нападнеме и тоа од самиот старт, но мора и да се браниме. Арсенал има победено на сите стадиони во Европа, го има победено Интер со убедливи 5:1 и тоа на “Џузепе Меаца”, изјави предводникот на “топчиите”, Арсен Венгер.

За нијанса порелани шанси за пласман во следната рунда имаат фудбалерите на Милан кои имаат обврска да ја анулираат минималната предност која ја има шпанскиот прволигаш Атлетико (М).

Реванш дуелот се игра на “Винсенте Калдерон”, а предводникот на Милан, Кларенс Сидорф потврди дека Атлетико (М) ќе биде нападнат со триото Кака-Балотели-Тарабт.

“Често сум бил во една ваква ситуација, кога мојот тим ја имал аутсајдерската улога, кога мојот тим има негатива после првиот натпревар. Сум бил во таква ситуација кога мојот тим на крајот од сезоната ја освојувал шампионската титула. Атлетико (М) е фаворит и очекувам сличен натпревар како првиот во Милано. Противникот има минимална но достижна предност. Мора да се бориме како тим, да играме со срце, да бидеме агресивни и први да постигнеме погодок. Мора да ја одбраниме честа на Милан”, изјави Сидорф.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.