Да се конфискува цел имот на партија заради дејствија на две обвинети лица е надвор од секаква правна и здрава логика

Правата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир 2” беа ускратени, изјави правниот застапник на оваa партија Ружица Николовска, по објавување на пресудата со која седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови се конфискуваат.

– Во текот на постапката не беше сослушан претставникот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за да се произнесе по однос на сите овие околности. Само ќе укажам на една работа. Да се конфискува цел имот на една политичка партија заради некакви дејствија на две обвинети лица е надвор од секаква правна и здрава логика. Имено, доколку постојат какви било дејствија и е утврдена вина како што тоа судот денеска го стори, тогаш можело да се конфискува и личен имот на обвинетите лица. Овој имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица – изјави адвокатката Николовска и додаде дека во таа политичка партија има многу други луѓе кои што допринеле за создавање на тој имот.

Воедно, таа најави дека ќе ги користат другите правни средства кои им стојат на располагање и се надеваат дека правдата ќе биде задоволена.