Да се обезбедат услови за пласман на македонското јагне во Италија, уште 10 дена до извозниот шпиц

Македонското јагнешко ги задоволува условите за кинескиот пазар

Коронавирусот нема да го доведе во прашање извозот на македонското јагне во Италија ако навреме се обезбедат услови за соодветен пласман.

Како што изјави за МИА претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, во ваква невообичаена ситуација, битно е да се делува брзо, надлежните да кажат навреме на кој начин ќе се реализира извозот и за тоа да ги известат производителите и трговците.

Според Шаклев, воопшто не намален интересот за увоз на македонско јагне од италијанска страна, и покрај ситуацијата со КОВИД-19. Но, треба добро да се проанализираат условите како тоа ќе се спроведе зашто, веројатно, трошоците за пласман ќе се зголемат.

-Земјоделците сега, во новонастанатата ситуација со коронавирусот, најмногу ги засега јагнето. Најголеми количини извезуваме во Италија. Во овој момент, не е проблем да се најдат трговци, туку транспортери зашто никој не сака да се нафати да вози за Италија, ќе треба потоа да оди во карантин. Но, ако се земат предвид најновите владини мерки кои се однесуваат и на возачите на камиони и ако се воведе тој посебен режим за нив, работата би се олеснила. Како и да е, ова мора итно да се реши. Извозот веќе интензивно требаше да почне, зашто остануваат уште 10 до 15 дена до извозниот шпиц, истакнува Шаклев.

Во оваа смисла, додава, многу е битно и навреме да бидат информирани кланиците, бидејќи тие не можат за два дена да ги заколат јагнињата.

-Јагнињата претставуваат храна, а за храната границите се отворени. но, сепак, мора навреме да се реагира, да се видат условите под кои е дозволено да се извезува во вакви, невообиачаени услови. Треба и навреме да се известат производителите, како и трговците, напоменува Шаклев.

Во просек, земјава секоја година извезува по околу 200.000 јагниња годишно за Италија. Втори, но далеку помали пазари се Хрватска и Грција. Вообичаено шпицот на пласманот е пред или за време на велигденсккте празници.