Да се преброиме, можеме ли!

Една индустрија, сектор, област, стандард па и државата се мери во квантитативни и квалитативни мерки, или жаргонски кажано статистички податоци за тоа што те интересира за одредена област или ако ти требаат бројчани информации за да направиш некоја анализа или некој научен труд или стратешки план. Истите тие статистистички податоци се најнеопходни за да можеш да направиш некое истражување, согледаш до каде си и што си, па врз основа на тоа да донесеш некој нов план или стратегија, за тоа каде би требало да бидеш во одреден иден период.

Во нашата статистичка база, посебно во делот на туризмот и угостителството соочени сме со катастрофални слаби податоци за се живо и диво во нашата држава (нас не нема ни како граѓани на оваа наша преубава мила земјичка, уште од пописот од 2002 година, кој е сега нели актуелен и каков таков со сила сакаме да го протуркаме без реалната намера и европски вредности, важно е само да се преброиме као и толку). Е, таква иста лоша слика оставена е и за самата статистичка база за туризмот и угостителството која може да се најде на официјалната страна на Државниот завод за статистика. Јас од кога памтам истите статистички информации, без ниедна промена или некоја иновација може да се најдат на таа страница, а богами точно 20 години веќе сум во овој сектор и ги користам какви такви тие податоци (не дека не сум реагирал, ама ете сам си давам за право да кажам дека не сум успеал во овој сегмент).

Постојано се јавуваат луѓе кои работат во истражувачките компании, фирми кои работат во делот на анализите, пријатели кои треба да изработат некој научен труд или нивните деца некоја семинарска работа, било да е во домашната јавност, а посебно боли во странската јавност и едноставно молат за подеталани статистички податоци, нормално за нивните потреби. А, најстрашното е кога вие само климате со главата во немоќ дека немате такви податоци, не пак анализи, а уште пострашно да кажете да одат на официјалната стратистичка веб страница. Не знам дали сте ја посетиле воопшто за било која област, но јас ќе ја опишам нашата што не интересира за туризмот и угостителството.

Ако отидете на истата да пребарате и ги најдете потребните податоци, ќе останете фрапирани кога ќе видите дека последните направени теренски истражувања се Анкетата на странските посетители од 2016 година, или Анкетата за странските туристи во сместувачки капацитети која обезбедува податоци за потрошувачката, структурата и социјалните карактеристики, должината на престојот и начинот на организирање на патувањето на странските туристи, замислете исто така од 2016 година. Исто такво последно истражување за домашните патници каде се прикажани податоци за патувањето и потрошувачката за туристички цели на домашното население, како важни индикатори за пресметка на туристичката потрошувачка, нормално ќе погодите е повторно 2016 година (оваа 2016 година е магична година за државната статистика за туризам), искрено ќе кажам, да не речам со сила, едвај ги натеравме раководните службени лица на овој завод кон пристап и истражување на овие проблематики во тоа време!!! А, во моментов не знам ниту дали има во најава да се направат овие истражувања повторно. Господа за 5 години, структурата на посетите, должината на престојот, посебно во овие две години од пандемијата не да е само променета туку е и драстично обратна од пред 5 години и повеќе.

Кога го зборам ова мислам и на она единствено сувопарно месечно соопштение каде се даваат податоци за бројот на туристи и ноќевања, структурата на туристите и бројот на туристи по држави и места на престој и толку. На годишно ниво не може да најдете ниедно збирно издание за статистиката по години на пример, но истите може да ги најдете на македонската база на податоци само како квантитет на бројка.

За угостителството не сакам ни да зборам. Ќе паднете во тежок очај и депресија. Последното истражување за капацитетите на сместувачките објекти е замислете од 2010 година, а капацитети во угостителството по општини според пописот на угостителството дури од 2008 година. Точно 11 години немаме никаква теренска анализа за вкупниот број на капацитети, по вид на објекти, по вид на категоризација, искористеност итн. А замислете само колку вкупно нови мали и големи сместувачки капацитети се отворија, или се затворија, колку ресторански капацитети се отворија и да не набројувам друго.

Мојот акцент на оваа колумна не е да критикувам за опсегот на квантитативни податоци или анализи, туку да укажам на важноста од потребата на квалитативни податоци и анализи. Не е важен само бројот на туристи и ноќевања, или од која држава дошле. Уште поважни се податоците за тоа што ги потикнало да дојдат во дестинацијата, со какво превозно средство дошле, нивното задоволство од престојот, економскиот карактер на податоци од типот на реални потрошени средства по основ на туризам и угостителство, просечни цени за сместување во капацитетите, потрошени средства на директен и индиректен начин во туризмот и да не набрајам понатаму.

Во светот се познати многу начини или постапки за собирање и давање на единствени информации и податоци, така наречените интегрирани информациски системи од типот на Сателит акаунтот или во последно време она насекаде применливото ЕТуризам, каде еден регистриран систем со дигитализација и оптимализација на сите процеси во туризмот и угостителството, дава информации на сите достапни корисници деноноќно на база на онлајн услуга. А, каде сме ние во овој процес се прашувате? Никаде за жал, ни на небо ни на земја, можеме само да сонуваме.

Само за споредба во 2010 или 2011 година, не ме држи паметото точно кога беше, пробавме и направивме еден „налик“ ваков систем за електронско пријавување и одјавување на гостите во сместувачките капацитети во системот на Министерството за внатрешни работи. Целта беше олеснување на постапката на пријавување на гостите на самите сместувачки капацитети како и збирен информациски систем со преглед во секое време на пријавените гости. И сето тоа функционираше мошне успешно првата година. Наредната втора година функционираше парцијално, а веќе третата година воопшто и да не финкционираше. На Комитетот за туризам беше поставено прашањето зашто не функционира системот, дали има некои технички проблеми, или некои субјективни причини и замислете што беше добиен одговор. Вработените во полициските станици не можеле да се снајдат со системот и компјутерот и им било плус дополнителна работа, нели пошто се зафатени со бркање лоши момци. И така нашиот систем на функционирање на електронско пријавување на гостите беше само за една година, или народски кажано секое чудо за три дена. Што бараме ние воопшто во иднината?!

На крај само една препорака, електронското работење, дигитализацијата, интегрираните онлајн системи во туризмот е иднината на светот. Поврзувањето на статистичките информации, нивната брза и лесна достапност и воопшто на било која информација од дестинацијата е се поголем предизвик за работниците во туризмот и потреба за креирање на добри стратешки планови и програми на планерите и специјалистите. Ако не го фатиме „возот“ кој денес насекаде во светот ита со 200 километри на саат ( тој и така кај нас едвај се движи во овие усвитени денови со 50 на саат) нашите стратегии наместо во иднината за 5 до 10 години, ќе се вратат назад за 50 до 100 години во минатото и се уште ќе бараме каде згрешивме некаде.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес