Да се стават паравани меѓу пациентите, поголема мртовечница и нов тоалет во битолската болница

На директорката на Клиничката болница во Битола ѝ е наложено да обезбеди адекаватна просторија за починати пациенти или да ја прошири моргата која ќе одговори на потребите, по инспекцискиот надзор што го изврши Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) откако во медиумите беа споделени фотографии дека во иста просторија во тријажниот центар пациенти примаат инфузија и до нив лежат починати.

Директорката на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова вели дека веќе се поставени и паравани и се задоволени потребните критериуми за почитување на правата за приватност на пациентите, а изречено е решение за санирање на санитарниот јазол што со претходно решение бил забранет за употреба.

ДСЗИ досега иницирал 21 вонреден инспекциски надзори, а во тек се девет.

– Тоа е делот од тријажниот центар каде се лекуваат и примаат терапија пациенти кои се на домашно лекување суспектни на ковид. Случката е на 22. во 16.30 часот кога во болницата имајќи го предвид билтенот од претходниот ден, за жал, во битолската болница има вкупно 13 егзитирани (починати н.з.) пациенти, капацитеот на моргата (мртовечница н.з.) која ја имаат за сместување на починати пациенти е четворица. Поради динамиката на подигање на телата, во склоп со законските протоколи после колку време може да бидат подигнати телата, има недостиг од простор. На директорката ѝ е наложено да обезбеди адекватна просторија или проширување на моргата која ќе одговори на потребите. Во однос на изолираноста на пациентите со паравани, тие се веќе поставени и се задоволени основните критериуми почитувајќи ги правата за приватност од Закон за права на пацинети – изјави Бухова.

Вонредниот надзор на ДСЗИ во Клиничката болница во Битола ги опфати и санитарно хигиенските услови, а по реакциите за состојбата на санитарниот јазол кој беше покриен со чадор. ДСЗИ, појасни Бухова, уште минатата година има издадено решение за тој санитарен дел и е забранет за употреба и со решение е наложена негова реконструкција. Тој дел од болницата пред почетокот на пандемиските услови бил планиран за комплетно реновирање и пренаменување во геријатриски центар, но поради напливот на пациенти овој дел од болницата е отворен за употреба, освен санитарниот дел. Во моментов е издадено решение по кое директорката веднаш постапува за санирање – рече Бухова, одговарајќи на новинарски прашања по средбата на инспекторите од ДСЗИ со вицепремиерот Љупчо Николовски.