Мора да се вратиме на филозофијата на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија, бидејќи во моментов не може се да се фокусира на работата на Комисијата за историски прашања, оценува бугарскиот аналитичар Николај Крстев, коментирајќи ги односите меѓу Скопје и Софија.
– Ако продолжиме да го заоструваме тонот, можно е Грција да го зајакне своето присуство во економијата на Северна Македонија – нагласи Крстев при гостување во програмата „Бугарија утрово“ на телевизијата Bulgaria ON AIR.
Според него, перспективите за решавање на, како што вели, сложениот политичко-историски спор меѓу Бугарија и Северна Македонија, „се чини дека се поместуваат за во иднина, кога стратешките проекти, надворешните фактори и влијанието од Европа, САД и Русија или изборите во Бугарија, би можеле да ја сменат сликата и да ги влошат односите“.
– Се шпекулира дека може да има напредок во март и треба да почекаме на изборите во Бугарија. Има судир на два концепта. Нашата недоследност во односите денес, може да предизвика сериозен проблем меѓу Софија и Скопје – оцени Крстев.
Тој смета дека во моментов не е испочитуван Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија, а односите меѓу двете земји се затегнати.
– По две и пол години се сетивме дека треба да има анекс на Договорот. Во Македонија се случија промени, референдум за името, потпишување на договори со Бугарија и со Грција – се се случи за многу краток временски период – потенцира Крстев.
Аналитичарот оценува дека во целава ситуација воопшто не му е лесно на премиерот Зоран Заев, кој, како што вели, „буквално е растргнат во земјава“, каде состојбата е „многу специфична и има протести организирани од опозицијата“.