Да си го заштитиме националното достоинство, да дадеме едно одлучно НЕ!

Оваа влада, сака во рок од 48 часа да презентира фиктивна консултација, притоа сега гледаме дека или предлогот нема да оди во Собрание или ќе оди како консултација, што значи дека оваа влада не верува дека има 61 пратеник кој ќе го поддржи, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски за „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

Муцунски истакна дека затоа е потребно „цврсто да застанеме како општество“, и апелираше до граѓаните будно и внимателно да следат тоа што се презентира и да не ги слушаат лажните вести кои ги презентира владата, туку реално внатрешно меѓу себе да се погледнеме и да ѝ кажеме на Европа дека ова не го прифаќаме.

– На Македонија не и треба политички консензус и треба општествен консензус по ова прашање и требаше со време да се консултираат врвни експерти од МАНУ, универзитетите, медиумите, невладин сектор, стопанските комори и да видиме сите заеднички како да изградиме стратегија, рече Муцунски.

Тој додаде дека доколку владата имаше почит кон ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе прифатеше кога понуди експертска помош, заеднички да се изгради надворешна политика, стратегија во односите во Бугарија за да не дојдеме до оваа ситуација сега.

– Бугарија постојано ќе се навраќа на вето и заради ваков тип на договор, ние ќе бидеме постојано заглавени во процесот на преговори и нема да разговараме за таа Европа во која што сакаме за веруваме за владеење на право, трговски друштва, туку ќе преговараме дека за првпат во историјата самата ЕУ ги нарушува своите принципи, вметнува во преговарачка рамка билатерален спор и отвора можност и веројатност за национално понижување на македонскиот народ, рече Муцунски.

Муцунски истакна дека мораме да реагираме и да го заштитиме нашето национално достоинство.

– Не може да дозволиме, една држава која во Втора светска војна вршеше воена агресија во Македонија, сега да врши политичка агресија и да го наруши тоа што луѓе давале животи за да имаме наша држава. Да застанеме во интересот на Македонија. Има начини, има пат, но примарно мораме да дадеме едно одлучно НЕ. Ги повикувам граѓаните утре на протест пред владата во 19 часот. Заради нашата иднина и достоинство, рече Муцунски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.