Да те питам нешто?

-Бабо.

-Шо?

-Да те питам нешто, бабо?

-Питај.

-Дај 1000-ка?

Next time, синко, next time. 

Оваа една од виралните шеги која се појавија по промоцијата на спотот на Next Time Нешто ќе те питам бабо“, која предизвика огромен интерес во јавноста.

Пред 10 години не знам како беше, но ме контактираа млади момци кои сакаа да настапат во мојата емисија. Никакво искуство, никогаш на ТВ , ништо за што би можел да се фатам како некое оправдание. Сепак, прифатив од мене непознати причини, никакви други освен едноставно безпредметно „Да, Океј“ и дојдоа. Додуша дојдоа со  бенд, и свиреа во живо, во моето студио Јади Бурек и тоа во живо. Аууу како се расположив со домашните ванаби гансендрозис, и супер поминавме. Секако, пред 10 години телевизиите по дифолт беа дунстераана и снимка од истото (засега) нема. Оттогаш наваму продолжи семејно пријателство, семејни веселби не си пропуштавме. Имаат дуото Next Time и трет брат, постар кој е, стварно, и он ептен фраер, ама не е навлезен во музичката сцена, штета. И така, со NT немало промоција на спот, песна, настап или концерт да не ме поканат, додуша се знаеше дека јас и моето семејство сме секогаш добредојдени.

Ете мал вовед, за повеќето од вас, да не се чудите што па јас имам врска со нив – семејна е врската, бурече за гладни и погани усти да се затнат.

После деветте претходни песни кои исто ги промовирав кај мене и кои не кренаа општествена халабука, ми беше интересно, кога добив покана, како и за претходните две, за промоција на најновиот спот нешто да те опитам, да видам што направиле… Обично не сум мераклија на спотови, сакам на премиери и презентации, ама албум ми треба, сакам комплетен продукт. Нејсе, се зпатив, зацапав у невиден калабалак и искрено зачуден. Меѓу редовните музички фаци прилично партиски функционери и симпатизери. Зошто, не знам, нејсе. Промоцијата ТОП, реакција од публиката ТОП, мене лично ми се допадна ептен, иако заради гужвата бев утоп и си ги загубов очилата за читање – дем, некој ќе ставев у топ. Сала на нозе, скандира Македонија, дечките скромни како и секогаш и искрено благодарни. Спотот прекрасен, филмски, извонредно снимен. Восхитувачки и епски пристап.

Реакциите деновивте потоа беа вистинска бура. Една песна не може да посака ништо друго одошто за неа да се говори многу, ја виделе и чуле и кој треба и кој сака и кој не сака, најважно сите зборат за неа. Ова е трета комитска која они ја опеаја, но за претходните немаше олку врева.

Зошто сега?

Само заради моментот – ништо друго. Пред избори секоја запирка е под лупа, фокусирано вжетено се обзервира до балчак и бело вжештување. На промоцијата беше Мицковски и тоа е тоа, затоа се разбуди контработ-банда по социјалните мрежи и секако дека беше очекувана реакцијата. Зошто? Па, Сорос ме научи една работа во животот, мислам на организацијата – кога нешто се дешава, не се спречува, полошо ќе биде, работи на харм редакшн – намалување на штетата. Но требаше ли, навистина непартиските момци од Некст Тајм да бидат вака политички бомбрдирани? Они лично, секако не, но бидеејќи партиски ликови имаше на промоцијата секако дека кај другите се вклучила црвената диода за „ретлијешн“. Знам од проверени извори дека власта и партиите од власта ама со брк не мрднале ниту побарале медиумски напад, ама лакејскиот македонски синдором кој генетски ни е во рибонуклеинската се активира. Па една Биба стручна у живот само за папаниколау се нафати да пишува рецензија. А напишаното, срамно непизмено за темата. Многу небулози твитерџиите искакаа по дифолт, не знаејќи ни самите зошто па дури и нивните од партијата се посрамени, ниво на рекација Саше Анален.

Дно!

Но, влегуваме во кампања и очекувајте дека ако на промоција или премиера на настан или филм видите некој кандидат или висок партски функционер од било која страна, истото ќе биде. Дека полтроните верни на своите партии глумат некаква правдољубивост или вистинозборство – не, си работат за партија, лошо е тоа ама толку и знаат. За пар недели е премиера на Endgame – Си викам Биба Папаниколау или аналниот хеморид дали ќе пишат омаловажувачка рецензија за Марвел ако Гога го гледа, или некој си вмровски бот истото го направи ако Стево отиде на истиот? Дегутантнто е ама и генерално сме примитивци кои филмови гледаме со српски превод и згора ги знаеме сите песни на Цеца, додека срце корнеме за мачедоња, така што не сум изненаден од нашето ниво, се борам против тоа од 103-ка, но ми е ќеф за момците оти фатија интересен правец, музички, естетски и трите песни досега се со милионски гледања на „вашатацевка“ – јутјуб.

За Следниот Пат

Ако се паметни, више песни да не вадат туку да вложат како и досега и да комплетираат албум и ДВД и да имаат комплетен матерјал за продавање и концерт со концепт за турнеја. Елена Лука беа феноменални и нивните креации со костими од комитското време, заедно со музиката на Некст Тајм  воопшто не се регересивни, ниту величаат ретруграндост или национализам, имаат и тоа како добри кулутролошки вредности и воопшто не се во спортивност со заложбите за ЕУ и НАТО.

Да не беше ова добар продукт, де беше ова лоша песна, лош спот, немаше ни да фрлите ронка од носот, а камо ли да се изјасните, но ова е добро – затоа многумина се возбудени, и тоа е добро.

Кога бојкотирачи за приемот на Македонија во НАТО повикаа да се бојкотираат музичарите кои настапија по тој повод, застанав отворено на нивна страна, на страна на секој музичар. Не можам јас заради нечија тезга да се одрекнам од музичари за кои сум се заложувал доживотно. Не смеете и немате право да напаѓате музичар каде и како ќе пее, негово е да пее. У2 настапија на инаугурацијата на Обама, и ден денес се популарни колку што се и неден од спроптивниот табор не повика да се бојкотираат, напротив, надвор им е од умот. Па просата маса, ако е поглупа од американец, ете ви. Брајан Меј од Квин забрани Трамп на митинзи да користи нивна музика, никој не писна против него, дури и најзгарозените им следбеници, затоа што имаат свест. Пеач и музичар може и се ангажира политички, од Битсли па наваму , но никој не смее да го осудува затоа што нивните дела се вечни и надпартиски, без оглед на ориентацијата на авторот. Никогаш нема да нападнам автор и музичар, уметник, ако се слика или на промоција му дојде Заев или било кој друг политичар од било која партија!

Еве ви го и спотот, колумнава ja пишувам 6 дена по објавувањето и има точно 682,867 гледања. Кога ќе ја отворите, ќе има многу многу повеќе.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.