Да живее АРМ!!!

Неодговорноста и расипништвото, кое што се главни одлуки на Владата предводена од СДСМ, најдобро може да ги илустрираме преку ликот и делото на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска. Секоиј кикс кој што Владата го прави на државно ниво, може да се види пресликан во Министерството за одбрана. Сличните карактеристики кои ја карактеризираат работата на Владата во изминатите 15 месеци, а тоа се корупцијата, некомпетентноста, партизираноста, непотизмот, кронизмот, елитизмот и нефункционалноста се токму истите одлики на министерувањето на Радмила Шеќеринска.

За да ги потврдам и верификувам моите погоре изнесени впечатоци, на кратко ќе се обидам да го сумирам сето она што го видовме во последниве 15 месеци, односно периодот во кој Шеќеринска го води министерството за одбрана.

Корупцијата која е евидентна во Министерството за одбрана, не мора да ја бараме подалеку од случајот со набавка на возила за потребите на министерството од фамозната „Делукс Ауто“ од Куманово, компанија која е донор на политичката партија СДСМ. Другиот пример кој претставува коруптивен скандал од највисок вид е доделувањето финансиски средства од министерството на невладини организации, во некои од кои самата министерска членува во органите, а во некои од нив членуваат нејзини колеги министри.

Нефункционалноста на министерството и на Армијата е можеби најевидентната одлика на министерувањето на Шеќеринска.

Униформите која цела година се фалеше дека ќе ги купи, на крај испаднаа колатерална штета на пропагандната кампања за референдумот, бидејќи средствата кои беа наменети за купување униформи, со поништувањето на тендерот, добија друга намена. Жртва на некомпетентноста на министерката и нејзиниот тим беше и тендерот за превоз на војниците, па војниците мораа сами да се снаоѓаат за одење на работа, а да не го заборавиме и недостатокот на храна и вода за војниците.

Партизираноста во министерството од ден на ден зазема се’ поголеми размери. За министерката не беше важно што некои лица со години не можеа да добијат безбедносни сертификати и тоа не беше пречка да ги постави на раководни позиции. Веројатно поважно за неа беше учеството на овие лица во Шарената Револуција. Изборот на лица од министерството за школување или работа во странство исто така изгледа како кастинг извршен директно од Шарената Револуција. Дури видовме и ситуација во која високи офицери од военото разузнавање обезбедуваат митинзи на СДСМ.

Професионално „до коска“.

Непотизмот во министерството исто така влезе на голема врата со доаѓањето на власт на СДСМ. Роднинските врски со функциониери на СДСМ станаа предуслов за одење на мисија во странство, а видовме и како двајца сопружници по втор-трет пат заминуваат на мисија во исто време. Освен непотизмот, и кронизмот достигна невидени размери во министерството. Цела една плејада на високи офицери блиски до еден советник на министерката се унапредуваат во повисоки чинови, се упатуваат на мисии, а некои од нив како членови на комисиите на избор за школување, сами себе се упатуваат на курсеви надвор од Република Македонија.

За крај, збор два и за елитизмот, кој наголемо се промовира во министерството кое го води Радмила Шеќеринска. Освен непрекинатите патувања во странство на разни посети и трошењето илјадници евра на грбот на граѓаните, видовме снимки и како најблиските соработници на Шеќеринска со армиски хеликоптери се рашетуваат по каефани низ Македонија. Но, за да имаат комфорт и во моментите додека се во своите канцеларии во МО, тука се и набавките на морски плодови и апетисани, за да разбијат монотонија и да се почастат, дури така професионално работат.

Доколку се земе во предвид се’ ова што погоре е наведено, може да заклучиме дека министерувањето на Радмила Шеќеринска е тотално фијаско, а нејзиниот однос кон војниците и офицерите е крајно игнорантски.

Ги излажа за се’, и ги потцени надевајќи се дека нема да ги видат нејзините лаги, доколку им ја покачи малку платата и потоа постојано го споменува тоа. Но, заборави да им каже дека тие 5-10 отсто, за колку што им ја покачи платата, треба да ги искористат за да стигнат до работа, да си купат чизми и униформа, но и за леб и вода, за да можат да преживеат дури се на работните места.

Автор: Александар Нацев за НетПрес