Дачиќ предупредува дека постои опасност од нов визен режим

Постои реална опасност од укинување на безвизниот режим за српските граѓани. Се надевам дека нема да дојде до тоа, но има таква опасност, истакнал премиерот на Србија, Ивица Дачиќ пред српската телевизија „Пинк“.

„Ако тоа се случи, тогаш тоа ќе биде вистинска катастрофа по сето она што го направивме“, истакнал Дачиќ, потсетувајќи дека Европската унија прифатила документ со кој се предвидува укинување на безвизниот режим, ако дојде до нагло зголемување на бројот на баратели на азил во земјите од евросојузот.

„Што да кажам, само во месец ноември во Германија побарале засолниште 1.700 српски државјани. Ние направивме се’ што зависеше од нас“, рекол српскиот премиер. Според него, светот треба да ги оцени напорите што ги вложила Србија.

Дачиќ призна дека земјата веќе има сериозен проблем со бегалците.

„Пред пет години бројот на бегалци изнесуваше околу 100 лица годишно, во моментов тој број изнесува 5.000. Повеќето од нив сакаат да заминат за Западна Европа, ние сме соочени со сериозен проблем“, рекол премиерот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.