Дачиќ: Како ќе се однесува Македонија со нас, така и ние кон неа

Официјален Белград ќе се однесува на ист начин како што Македонија ќе се однесува кон Србија, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, коментирајќи ја реакцијата од неговиот македонски колега по неговите оценки за името, пишува „Вечерње новости“.

– Повеќепати им кажав на македонските претставници. Како вашата држава ќе се однесува кон Србија на меѓународната политичка сцена и организации, така и ние ќе се однесуваме кон вас, изјави Дачиќ.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, претходно изрази жалење за изјавата на Дачиќ во Атина, дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставно име.

– Со Србија заедно бевме во една федерална држава, како Република Македонија и Република Србија и споделуваме толку многу нешта. Убеден сум дека двата пријателски народа преферираат да имаме односи базирани на заемна почит, разбирање и европски дух, наведе Димитров во својата реакција.