Дачиќ најави дека уште десетина држави може да го отповикаат признавањето на Косово

752

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ повторно во петокот најави дека е можно уште десетина држави да го променат ставот за државноста на Косово и да ја повлечат одлуката за признавање на самопрогласената независност на албанските власти во поранешната јужна српска покраина како што тоа го стори минатата седмица Либерија, што во Приштина беше оценето како „лажна вест“ на официјален Белград.

„Барем десетина држави во моментов го мерат ставот Косово и Метохија. Има многу земји коишто го признаа Косово а не располагаат со вистинските информации, и сега, кога гледаат како навистина стојат работите, ги преиспитуваат одлуките. Затоа имаме причини да веруваме дека бројот ќе падне под сто, а тогаш таканареченото Косово може само да сонува дела ќе стане дел од меѓународните организации“, изјави шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ за белградскиот дневен весник Вечерње новости.

И во интервјуто за белградскиот дневен весник Политика објавено кон средината на април, Дачиќ рече дека прв започнал да работи на тоа земјите коишто веќе ја признале независноста на Косово да го повлечат признавањето, како и дека формирал тим од соработници чија единствена работа ќе биде ова, а и самиот пореди тоа често патува во Азија и во Африка.

„Можеби за половина година, на пример, ќе биде под сто. А што ќе се случи кога ќе падне под 96 земји?“, рече тогаш Дачиќ а на прашањето колку се реални шансите тоа да се случи одговори „Јас тоа ви го гарантирам“.

Досегашните дипломатски активности на Белград на меѓународната сцена дадоа резултат, а неодамнешната одлука на Либерија за повлекувањето на признавањето на независноста на Косово е втора во периодот од последните четири месеци и, со претходните две од минатата година, на Белград му даваат надеж дека е реално намалување на бројот на земјите кои претходните години застанале зад Приштина, оценува Вечерње новости.
Од признавањето на косовската независност, прво и после смената на тамошната власт, се откажа малата островска земја во Гвинејскиот залив Сао Томе и Принсипе, а следеа Суринам, Гвинеа Бисао, Бурунди и минатата седмица Либерија. Дачиќ рече дека повлекувањето на Либерија од листата држави коишто го признале Косово е „само едно во низата“.

Истовремено, шефот на косовската дипломатија, контроверзниот милионер Беџет Пацоли кој ја води лобистичката кампања за признавање на Косово, тврди дека Либерија не го повлекла признавањето и порача дека „српските медиуми шират лажни вести“.

„Штотуку разговарав со владата на Либерија и ми потврдија дека Либерија не го повлекла признавањето на Косово. Веста и нотата којашто ја шират српските медиуми се лажни и се дел од обидот на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ да шири лажни вести“, напиша Пацоли на Twitter.

Дачиќ претходно на прес-конференција на новинарите им покажа фотокопија од нотата на либериското министерство за надворешни работи за повлекување на признавањето на Косово. Една од скорешните дипломатски акции на Белград че биде повторно да се оневозможи приемот на Косово во Интерпол, каде што меѓу 192 држави Приштина мора да обезбеди двотретинско мнозинство од членките коишто гласале.

„Поради тоа за Белград е приоритет во следните четири месеци, до заседанието на Генералното собрание на светската полициска организација, да го намали бројот сигурни гласови за Косово“, оценува Вечерњи новости.

По интервенцијата на НАТО против Србија во 1999 година и повлекувањето на српските безбедносни сили од тогашната јужна покраина албанските власти во Приштина во 2008 година со поддршка на САД и главните земји членки на Европската унија, еднострано прогласи независност која според тврдењата ја признале повеќе од сто земји, но не и две водечки велесили со право на вето во Советот за безбедност при ОН – Русија и Кина, како и Индија и Бразил, но и пет земји членки на ЕУ – Шпанија, Романија, Кипар, Грција и Словачка. Официјален Белград, повикувајќи се на суверенитетот и интегритетот на Србија гарантирани со Уставот и меѓународните документи, како и со Резолуцијата 1244 на ОН, настојува да го спречи приемот на Косово во меѓународните организации, а особено да го оневозможи членството во ОН.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.