Дачиќ: Сега е вистински момент за решавање на косовското прашање

Сега е погоден момент на меѓународен план да се направи напредок во решавањето на косовскиот проблем, изјави во понеделникот српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, оценувајќи дека прашање е каков ќе биде развојот на ситуацијата во САД по следните претседателски избори.

За телевизијата Пинк, Ивица Дачиќ, изјави дека ова време треба да се искористи за постигнување договор за поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија, каде што албанските власти во 2008 година во прв ред со поддршка од САД еднострано прогласија независност. Според шефот на српската дипломатија, ова е вистинскиот момент, бидејќи е можно во Америка на власт да се врати администрацијата „која беше лоша“ за Србија.

„Таа администрација не беше толку на (поранешниот демократски претседател Барак) Обама, колку на (поранешната државна секретарка Хилари и нејзиниот сопруг поранешнито претседател Бил) Клинтон. Прашање е колку враќањето на (порашениот потпретседател Џозеф) Бајден и некој од тој круг би било добро за нас“, рече Дачиќ.

Неговата процена е дека таквите промени би оделе во полза на Приштина, како и дека лидерите на косовските Албанци чекаат тоа и да се случи.

„За нас и тоа е опција, но мислам дека Косово никогаш нема да успее да стане членка на Интерпол и УНЕСКО, а да не зборувам за членството во Обединетите нации“, додаде Дачиќ.

Верува дека „многу брзо“ помалку од половината на бројот на членките на Обединетите нации ќе го признаваат Косово како независна држава, алудирајќи на дипломатската кампања на Белград во којашто досега, според официјалните тврдења на министерството за надворешни работи, признавањето на Косово го повлекле или замрзнале 13 држави, иако без поважно меѓународно значење.

Дачиќ минатата седмица учествуваше во работата на Советот за безбедност при ОН и оцени дека тоа била „една од најпозитивните седници за Србија“. На седницата, на чијшто дневен ред беше редовниот извештај на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), дека Србија е целосно посветена на дијалогот и е подготвена за продолжување на дијалогот, но дури откако Приштина ќе ги повлече одлуките за еднострано воведени царини на стоките од Србија и БиХ, што од косовските власти го бараат и САД и ЕУ.

Кон крајот на минатата година Приштина еднострано воведе царини на стоките од Србија и БиХ, настојувајќи да ги принуди Белград и Сараево да ја признаат самопрогласената независност на Република Косово и српската страна да се согласи Косово да биде примено во меѓународните организации и институции.

Дачиќ по враќањето од Њујорк рече дека во Советот за безбедност е договорено годинава да се одржат три седници посветени на ситуацијата на Косово и на извештајот на генералниот секретар на ОН, а следната година две со можност за свикување вонредна седница „без разлика на позитивни или негативни настани“.