Дај му форма на животот!

Во Националната галерија на Македонија, објектот Мала станица, во тек е проектот „Дај му форма на животот“ – изложба од трудовите произведени на креативни работилници со глина во кои учествуваа децата од училиштето за слепи лица ,,Димитар Влахов, децата од училиштето за оштетен слух и говор ДУЦОР „Партенија Зографски“ како и учениците од паралелката за меѓународна матура од СУГС гимназијата Јосип Броз.

Глувонемите и слепите деца се група деца со која кај нас многу малку се работи на  социјализација, инклузија и едукација. Овие деца се најчесто изолирани во средините во кои живеат и работат, па оттаму целата грижа и проценка на нивните таленти е препуштена на многу мал број наставници во специјализираните училишта и на
семејството.

Токму затоа, втората активност од проектот ,,Уметност за сите“ им е посветена токму ним. Оваа заедничка активност овозможи приближување на лицата со попреченост до секојдневните социјални, културни и забавни активности, а особено нивно поврзување и другарување со учениците од редовната настава. Децата креираа визуелни манифестации на своите идеи и му дадоа една нова и поубава форма на животот.

Проектот „Дај му форма на животот“ е дел од проектот Уметност за сите кој е финасиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.

Преку проектот „Дај му форма на животот“ Националната галерија на Македонија го одбележува 3-ти декември, меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Изложбата ќе биде поставена до 17-ти декември 2018 година.