Далас со Дончиќ и Ирвинг губи, нов моќен дабл-дабл на Јокиќ (ВИДЕО)

Екипата на Далас маверикс го загуби и вториот натпревар во кој заедно на паракетот беа двете најголеми ѕвезди, Лука Дончиќ и ново дојдениот Кајри Ирвинг, откако беше поразена во мечот на домашен терен против Минесота тимбервулфс (121-124).

Двајцата заедно постигнаа повеќе од половина од поените на „телињата“; но во последниот напад за изедначува најдобро се виде нивната невоиграност, со оглед што буквално не знаеја што да направат. Лидерите на Далас претераа во додавањата помеѓу себе, никој од нив двајца не сакаше да ја преземе одговорноста на шутне за тројка, па шансата за продолжение отиде во неповрат. Ирвинг постигна 36 поени, а Дончиќ 33 со 12 скока, додека Едвардс со 32 поени беше најпрецизен кај „волците“.

Никола Јокиќ, пак, со уште една одлична партија го направи Денвер нагетс прв тим во НБА кој стигнал до 40 победи. Составот од Колорадо триумфира на гостувањето кај Мајами хит (112-108), во меч во кој Србинот реализира 27 поени со 12 скока, додека Батлер со 24 поени, 10 скока и девет асистенции беше најдобар кај „жешките“.

Демиен Лилард со 40 поени од кои 30 во првото полувреме, беше најзаслужен за триумфот на Портланд трејлблејзерс против ЛА Лејкерс (127-115). Ова беше четврти пораз во последните пет меча за „езерџиите“, кои се сѐ подалеку од пласманот во плејофот. Кливленд кавалирс останува најжежок тим во НБА, откако во дуелот против Сан Антонио спарс (117-109) дојде до седмата победа по ред.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Атланта 144-138, Кливленд – Сан Антонио 117-109, Индијана – Јута 117-123, Филаделфија – Хјустон 123-104, Мајами – Денвер 108-112, Њујорк – Бруклин 124-106, Чикаго – Орландо 91-100, Оклахома – Њу Орлеанс 100-103, Далас – Минесота 121-124, Голден Стејт – Вашингтон 135-126, Портланд – ЛА Лејкерс 127-115.