Далеку е за СДСМ влада со ВМРО ДПМНЕ, како што е далеку Македонија од ЕУ

Лидерската бидна. Позициите се кажаа. СДСМ веднаш удри на жестока пропаганда. Главниот акцент на нивното пропагирање е дека ВМРО ДПМНЕ влегува во Владата. Но, дали е тоа точно? Како навистина стојат работите моментно?

На лидерската средба претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на првиот човек на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, му понудил:

Прв предлог,

  • Преодна влада без учество на ДУИ во таа влада.
  • Преодната Влада да организира предвремени избори
  • Уставни измени да, но кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите на Македонија за членство во Европската унија

Втор предлог,

  • Избори
  • Гаранции за националниот идентитет и јазик
  • Заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур
  • Економски пакет, и дури тогаш уставни измени, со обврска опозицијата, поразената страна на изборите да ги поддржува процесите.

Најдоброто во ова е тоа што ВМРО ДПМНЕ нуди предлог за европска интеграција на Македонија и заштита на националните интереси на Македонците. Две во едно, а не сервилен однос како досега што имаше СДСМ.

По лидерската веднаш, експедитивно се огласи Демократската унија за интеграција. Прифаќаат да биде формирана преодна влада без нив. Демек сега македонската јавност треба да биде убедена оти ДУИ е најпроевропска партија во Македонија. Да не живеевме во Македонија, можеби и ќе поверувавме.

СДСМ, пак, од друга страна веднаш тргна во силна офанзива со пласирање информации во јавноста дека ВМРО ДПМНЕ влегува во Владата. По брза постапка седнаа на Бихаќка и направија работна група за продолжување на разговорите со опозицијата, а не се знае дали опозицијата всушност и се согласила да води дијалог на ниво на работни групи.

Исто така, нема никаква официјална информација, ниту од СДСМ, ниту од ДУИ, каков е всушност нивниот став во однос на останатите предлози на ВМРО ДПМНЕ – Уставни измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите на Македонија за членство во Европската унија, Преодната Влада да организира предвремени избори, Гаранции за националниот идентитет и јазик, Економски пакет и Заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

Очигледно мислат дека јавноста треба и мора да биде дефокусирана од останатите предлози, а тие за нас, обичните граѓани, се најважните. Удрија половично и манипулаторски, всушност како и за се’ што прават во овие години на владеење. Се’ им е половично и манипулаторски. Затоа и државата е полуфункционална, хаотична и пука по сите шавови. Доволно е да се прочитаат испитувањата на јавното мислење во однос на образованието, здравството, социјалата, економијата, културата, животниот стандард… а особено судството. Едно нешто не ни е саглам во земјава.

Но, од целава ситуација една работа е кристално јасна. Христијан Мицкоски ги разголи и на јавноста и’ презентираше какво е вистинкското лице на СДСМ и на ДУИ. Не дека ние, граѓаните не знаевме, ама доказ плус воопшто не е на одмет.

Е сега, како навистина стојат работите секој може лесно да си процени, односно дали е точно дека ВМРО ДПМНЕ влегува во Владата или не?

Автор: Дејан Николовски