Дали Борисов ќе го спасува Заев заради бугарскиот интерес?

страшо ангеловски

После се’ што Зоран Заев направи, изјави, излажа и премолче заради „европската иднина“ на Македонија, после сите реализирани и ветени отстапки кон бугарските барања, логично се поставува прашањето дали на утрешниот самит на ЕУ Борисов ќе го повлече најавеното вето за започнување на некакви неформални разговори на Република Македонија и еврократијата.

Откако Зоран Заев, и самиот осуден и аболиран, околу себе прибра „експерти“ за преговорите со Софија, правосилно осудени, а со неодлежана затворска казна заради вештачка застареност на делото, од типот на Владо Бучковски, станува се’ појасно дека под надворешен притисок се формира преговарачка група, од луѓе кои лесно можат да бидат уценети со силата на правдата. Па, како такви, стануваат лесно податливи за реализирање на германско – бугарските барања. Барања, далеку од умот, далеку од вистината, далеку од историјата.

Откако во напливот на незапирливо „визионерство“ Заев целосно го игнорира заедничкиот став на трите столба на државноста – МАНУ, МПЦ и УКИМ, кои бараат од него да прекине со распродажбата на националните вредности и интереси; откако и припадниците на МВР, АРМ и противпожарните единици му упатија отворено писмо дека не го поддржуваат во неговата налудничава „Ол Ин“ игра со македонскиот народ и македонската држава; откако Бранко Црвенковски и половина од влијателното партиско членство на СДСМ побараа ревизија на неговите погрешни тези и состанување на партиските тела, се’ до одржување вонреден конгрес; откако речиси цела Македонија е станата на нозе и протестира во сите градови за да искаже несогласување со уништувачките политики на Заев, единствен спас за него и, барем за кратко, продолжување на неговиот политички живот, е повлекувањето на бугарското вето.

Со тоа, госпожа Меркел ќе ја заврши својата политичка кариера со „успех“ на западниот Балкан во време на германското претседателствување со еврократијата, Борисов ќе покаже подготвеност за заедништво во ставовите со таа иста еврократија и „милост“ за братските „северномакедонски граѓани“, а Зоран Заев ќе може да објави дека еве, конечно, после толку “добиени датуми“, ќе започне дури и да разговара со еврократите. Се разбира, на западниот дијалект на бугарскиот јазик. Три во едно, што би рекле во рекламите.

Зошто е можна ваква разврска?

Најпрво, затоа што и Борисов и целата еврократија е свесна дека доколку на Македонија не и’ се вети дека до крај на годинава ќе може барем телефонски да разговара со еврократијата, падот на Заев е неминовност, а со тоа и формирање на нова Влада.

Второ, на сите нив им е повеќе од јасно дека никогаш повеќе, се’ до постоењето на светот, во Македонија не ќе може да се состави Влада ни приближно подготвена за национални предавства, а заради ниту едно ветување, уцена или закана и ниту една преговарачка екипа составена од толку аболирани и „неодлежани“ криминалци, подготвени на се’ заради личен спас.

Трето, на официјална Софија и на бриселските еврократи им е повеќе од јасно дека иако Заев започне да разговара со еврократите, Софија има право во секој момент од разговорите да ги обнови своите барања и да го постави ветото, можеби дури и како летвичка на поголема висина.

Четврто, нивните експерти за социјална психологија точно знаат дека ваквата одлука, со посредство на медиумите во државава и со брзо-брзо испратените честитки од сите длабокодржавни претставници, ќе успеат кај дел од граѓаните во државава да создадат еуфорична радост за „големиот успех“ и „победата“ на политиките на „визионерот“ Заев и ќе ја отапат острицата на народното незадоволство.

Со еден збор, сите тие се свесни дека мораат да сторат се’ за да го зачуваат Заев на власт, за да единствено со неговото „визионерство“ успеат конечно да го затворат македонското прашање. Ќе го затворат на начин ист како во Букурешт во 1913-та, со бришење на македонскиот народ и македонската држава. Единствената разлика ќе биде што денес, бришењето на македонското постоење ќе го извршат самите Македонци, односно ситниот пазарџија Зоран Заев во нивно име.

Заради тоа, македонскиот народ и сите оние кои веќе изразија несогласување со уништувачката политичка трговија на Заев, мораат уште пожестоко да се спротивстават и, според тезата на еден од „татковците“ на САД, Томас Џеферсон, дека „влада која работи спротивно на интересите на народот што ја избрал, треба да биде урната и заменета со нова“, да го сторат тоа што поскоро.

Тоа ќе рече, дека без разлика на евентуално повлеченото вето на Борисов, Владата на Заев мора најитно да падне, зашто Македонија ќе биде воведена во нова замка на постепено и целосно бришење на македонското постоење.

На крајот, ќе завршам со уште една реченица на Томас Џеферсон – „Стеблото на слободата повремено мора да се полева со крвта на патриотите и крвта на предавниците“.

Низ македонската историја „стеблото на слободата“ доволно се полеваше со крвта на патриотите.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес