Дали да се гласа?!?!

Еден од подегутантните политички периоди кај нас беа изминативе години, како религиозно искуство. Религиозно? Па, во смисла ако се потсетиш што се случуваше, почнуваш да се крстиш.

Нејсе.

Една од гадотиите не беше само од политчките елити, туку и од оние кои самопрогласено почнаа да прозиваат други, дали искачаш на протест, зошто не, за кого ќе гласаш, дали ќе гласаш, дали си гласал, ако гласаш предавник, ако не гласаш анти-НАТО, анти-ЕУ и секакви можни етикети се лепат кој каде стигне – кому стигне и се’ со само една цел – некој да говори за туѓо гајле, а своите мотиви да ги крие длабоко. Играј го во партија, кротко демокртаско јагне со европски принципи, не го ставај во избор за кандидат за претседател – каса, плука, сикти отров – одма друга личност – македoнски верзии на филмот „Glass“.

Дали гласам, како гласам немам намера да им објаснувам на пришипњенковци кои вчера им текнало да се занимаваат со мене, сепак, секоја вечер на сум ТВ и така 20 години, и стварно немам намера никому да му се правдам, а моите принципи не се лични. Ајде, лични се, но доаѓаат од исклучиво широки општествени суштински принципи кои сум ги стекнал како ептен млад човек. Моите ставови како ќе се однесувам во демократијата ги кажав, потоа и повторив неколку пати уште првите години кога почнав на Канал 103 (за што некои кои се прават општествен фактор абер немаат што и како беше) а тоа е дека младите, сите кои слушаа (а, бевме и тоа како слушани) секогаш да го користиме правото на глас. Секогаш кога има избори да искачаме и да гласаме, за да не кукаме после дека пензионери ни го обликуваат животот, за да сносиме и самите одговорност за изборот, а со тоа и мотивација за делување и тоа НЕ-партиска, за да не дозволиме некој да манипулира со нашето неискористено ливче. Секогаш, неискористено гласачко ливче е и тоа како потенцијално орудие за фалсификат. Исто како да имате оружје и го оставите на сред улица и да немате никаква вина ако утре некој го земе и злоупотреби. И тоа како сте соучесник и де јуре и де факто. – муабети од Канал 103 уште во 90-те. До ден денес мене ми се валидни тие младешки постулати.

Бојкот?

Знам дека оние кои повикуваат на бојкот, барем добар дел од нив, имаат искрена, добра аргументација, им држи вода, несомнено се разбирливи нивните стравови и грижа за општо добро, но сепак… Со фудбалски жаргон, замислувам ситуација ФК Вардар, у некоја прилика, треба да игра со тим за кој имаш сознанија дека има протекција од федерацијата, судиите и поради тоа да не излезеш на натпревар. Легитимно е, секако, право е, но на зелена маса губиш со три нула. Поентата која си сакал да ја наметнеш за некаков криминал можеби за миг и ќе сврти вниманиер, но после кратко, никој нема да памти, се паметат само победниците. Со какви мотиви си правел, што си правел, ретко кој ќе памти.

Или пример од политичко миље … кога се градеше крстот на Водно … море, море, што анализи, ем колумни имаше, дури и од онаа искубаната кокошка во утрински кога викаше многу струја трошел, до екс министри загрижени за „нарушување на линијата на хоризонтот“ и слични „баљезгарии“, а  денес појма нема јавноста или заборави и избледе какви тогаш беа мотивите, кој и со каква интенција градел, и како поминува времето тоа е дел од пејасажот и се заборава зошто и како, делото е тука, од кого – не е важно. Океј, можеби лоши аналогии, ама да не го вадам Сноуден во приказнава оти бара самиот тој цела колумна.

Нејсе

Како и да е, гласањето е поважно, тоа што ти не сакаш да гласаш затоа што не си имал за кого да гласаш е да дадеш „Licence to kill“, да бидеш злоупотребен двојно повеќе одошто мислиш дека бојкотот ќе вроди со добар плод. Да се разбереме, со должна почит, ова се мои гледања и согледувања, принципи кои јавно ги изнесувам и ги застапувам со децении, лични мои, јасни и гласни, со сиот ризик некој дилер на Saliva да си најде полигон сега да си љупи павлака од демократскиот му ментален орган за да добие лајкови на ФБ. Со должна почит, почитувам ваш избор, гласале или не, за една или друга опција, но научете се бре, пеземеци – почитувајте нечиј избор, немате капацитет да оддредувате некој дали е предавник или патриот, прогресивен или регресивен, негово право е, аргументирајте, не се заканувајте.

Исправи се Делфина

Никој не може да ги солгеда сите математики за крајниот резултат, оти варијабилите се преголеми, од меѓународни до локалното време – буквално. Една поплава може да смени се’, не па друго. Дали ќе гласам или бојкотирам е мој избор како и што е моја лична работа и никој нема право да ми се меша или заканува. Со задовлство ќе слушам туѓи аргументи – но, навреди и закани создаваат само контра ефект, па повелете, терајте и натаму со закани кон народот, може да се уплаши, ќе се затвори во себе, но нема да ви заборави. Доволно е измрцварен народов од поделби, колку и да биле добри намерите од било која страна.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.