Дали екстремната десница ќе ја втурне Шведска во хаос?

Шведска утре ја чекаат избори кои најверојатно радикално ќе ја променат политичката сцена на досега стабилната и богата скандинавска држава. Традиционалната рамнотежа помеѓу социјалдемократскиот и конзервативниот блок во земјата со истакната демократија и великодушна социјална држава ја наруши силниот пораст на крајнодесничарските и антиимигрантските „Шведски демократи“. Уште до неодамна небитна партија со неонацистички корени, според анкетите, ќе стане втора партија по сила во земјата. Сепак, нема страв од нивно доаѓање на власт, бидејќи никој не ги сака во својата коалиција.

Според неодамнешните анкети на јавното мислење, малата предност на левичарскиот блок се намалува, па социјалдемократите, ако и останат на власт, мораат да ја добијат поддршката од конзервативниот блок. Левиот и десниот блок, кои традиционално се борат за власт во последните сто години, освојуваат по 40 отсто од гласовите.

Радикалната десница во Шведска има јасни неонацистички корени: партијата „Шведски демократи“ ја основале членови на неонацистички групи во 1988 година. Подемот им е сличн како на италијанската екстремна десница: кога во 2013 година Матео Салвини ја презеде „Лига“ беа на 4 отсто, а во март годинава освоија 17 проценти на изборите. „Шведските демократи“ на изборите во 2006 година освоија 2,9 отсто, по што следеа 5,7 отсто во 2010 година, а до 2014 година двојно се зголемија на 12,9 отсто. Една година подоцна во Шведска пристигнале 160.000 баратели на азил, а имиграцијата стана најважното политичко прашање.

Во пресрет на парламентарните избори, анкетите на „Шведските демократи“ им даваат од 17 до 20 отсто од гласовите, но некои предупредуваат дека ултрадесната и антиимигрантската партија би можела да освои  и повеќе приврзаници бидејќи симпатизерите на помалите партии ретко им го откриваат на анкетарите своите позиции. Според последните анкети, социјалдемократите освојуваат 25 отсто од гласовите (31 отсто на последните избори), а „Шведските демократи“ 17,2 проценти, само малку повеќе од „Конзервативната партија“ (17 проценти), базната патрија на десничарскиот блок.

Под притисок од десницата сегашната социјалдемократска влада на Шведска ги затвори вратите за мигрантите и по 2015 година, во која земјата од десет милиони жители прими 162.000 бегалци, во 2017 година евидентирани се 26.000 баратели на азил. Денес Шведска има еден од најрестриктивните закони за миграција, пишува Гардијан.

Шведска во последните децении доби најмногу мигранти по глава на жител и десничарите добиваат гласови тврдејќи дека бегалците го загрозуваат опстанокот на шведската социјална држава. И влијаат врз растот на криминалот: на 13 август маскирани напаѓачи запалија 80 автомобили во Гетеборг и уште неколку градови. Акцијата беше координирана, велат од полицијата, но не постои индикација дали зад неа стојат мигрантите или десничарите.
Па така „Шведските демократи“ во кампањата бараат повеќе пари за полицијата за да може да ги фаќа илегалните мигранти како и промена на законот со цел да се протераат оние кои веќе имаат дозвола за престој, но ако извршиле поголеми прекршоци.

Муслиманите би можеле да станат мнозинство во големите градови во Шведска, предупредува Џими Акесон, шефот на „Шведските демократи“, пренесува Гардијан.

Според него, тоа е најголемата закана за Шведска по Втората светска војна.

Ако сте подготвени да се прилагодите, добредојдени сте да живеете тука во Шведска, вели Акесон.

Сепак, според истомислениците на Акесон, доволно прилагоден не е ниту Златан Ибрахимовиќ, познатиот фудбалер роден во Шведска. Па така Матијас Карлсон, главниот идеолог на партијта, еднаш му приговорил на Ибрахимовиќ дека неговиот говор на телото и начинот на кој се однесува и зборува не се шведски. Меѓу другото, „Шведските демократи“ се залагаат за референдум за напуштање на ЕУ, што поранешниот премиер Карл Билт го нарече „најголема опасност за идниот просперитет на Шведска”.

Со раст на БДП од 2,2 отсто и стапка на невработеност од 6,7 отсто (просек на ЕУ изнесува 7,6 отсто), економските проблеми не се главните во кампањата. Како и да е, 50 отсто од Швеѓаните се песимисти за иднината. Тие се грижат за здравството и образованието: и Швеѓаните се жалат на долгите листи на чекање, сочуствуваат со преоптеретените медицински сестри и слабо платените наставници, а партиите се  натпреваруваат со нивните програми како да го подобрат едниот или другиот сектор.

Клучните политички лидери на изборите во Шведска

Стефан Лефвен (61), заварувач и шеф на синдикатот на металците

Премиерот и лидер на Социјалдемократите, кој во коалиција со Зелените од 2014 година ја води шведската  малцинска влада,  во кампањата се претставува како главен заштитник на шведската социјална држава. Поранешниот заварувач, израснат како посвоено дете во семејство на дрвосечачи, влезе во политиката како синдикалец и лидер на синдикатот на металците. Отворен е за соработка со десниот блок, па така опстана неговата малцинска влада. Кон крајот на 2015 година со десницата договори  радикална промена во имиграционата политика; законите се построги и граничните контроли се вратени на границата.

Улф Кристесон (54), дипломиран економист

Во октомври 2017 година претседателот на „Конзервативната партија“, главната партија на десничарскиот блок, порача дека сака да ги замени социјалдемократите на власт, но без соработка со екстремните „Шведски демократи. По преземањето на раководството на партијата, популарноста значително им се зголеми. Лидерот на шведската опозиција дипломирал економија на Упсала, во 1980-тите работел како маркетинг директор на либертаријанскиот тинк-тенк „Тимбро“, од 2014 година е министер за финансии во владата во сенка. Инсистира на воведување на законската обврска татковците да го користат родителското отсуство барем еден месец.

Џими Акесон (39), приучен веб-дизајнер

Шефот на екстремно десничарските „Шведски демократи“  пролетоска ги исфрли ослободи фашисти и расисти од партијата, во голема операција на чистење за да ја направи партијата прифатлива за поширок круг на гласачи. Тој вели „Кој не ги почитува шведските вредности, нека се исели“. Студирал политички науки, право и економија на Универзитетот во Лунд, но никогаш не дипломирал и работел како веб-дизајнер. Тој беше избран за претседател на партијата во 2005 година, а пет години подоцна ја внесе Ѓведски демократи“ во шведскиот парламент со 5,7 отсто од гласовите.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.