Дали храната што ја јадат полицајците е безбедна?

Две последователни труења со храна на почетокот од месецов имало во компании кои со храна ги снабдува „Индусти сервис“, компанијата која на почетокот од годинава од Оливер Спасовски доби два договори од речиси 13 милиони евра за со храна да снабдува два витални објекти на МВР, објави Радио Лидер од извори во Агенцијата за храна и ветеринарство.

На 02.11 тројца вработени од ФАКОМ пријавиле триење кај своите матични доктори, а на истиот ден, 6 лица од Ферал Механика исто така пријавиле труење но во Систина. Во двата случаи, затруените јаделе иста храна од Индустри сервис, а тоа се шпагети болоњезе, но по огромен притисок од политички извори инспекцискиот увид констатираше дека грешката не е во добавувачот, туку кај фирмата клиент која наводно несоодветно ја чувала храната, вели изворот на Радио Лидер од АХВ.

-Од државна болница нема никаков извештај за овие труења кон Центарот за Јавно Здравје, иако ова е законска обврска на болниците, додека Систина уредно ги пријавила труењата до ЦЈЗ, но јавноста за ова не е запознаена, објави Лидер.

Објектите каде што Индустри сервис ја подготвува храната, инспекцијата ги затворила три дена.

Ваквите случаи не би биле голем скандал, доколку истата компанија не подготвува храна за потребите на МВР и специјалните единици. На почетокот од годинава, Наќе Чучев од ВМРО-ДПМНЕ, објави дека истата компанија за сума од речиси 13 милиони евра добила два тендери од министерството.

-Со двата тендери од речиси 13 милиони евра, кои се за период од 36 месеци, годишно Индустри сервис во просек може да наплати по речиси 4.5 милиони евра. Тоа е за речиси една третина повеќе од колку што се трошело до сега. Имено лани за цела година, МВР за набавки на храна потрошила само 3.3 милиони евра, изјави од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев на 23ти јануари годинава.

Дополнително на Индустри сервис според договорот и се признаваат транспортни трошоци, кои се 15% од литар гориво за секој изминат километар, меѓутоа тука не запираат нелогичностите. Тогаш, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Спасовски дека е личен пријател на сопственикот на оваа компанија.

-Имено, кога ќе се погледне спецификацијата, се воочува дека и двата договори на МВР на Спасовски со Индустри сервис сопственост на Драган Смилковски, близок пријател на Спасовски се полни со конзерви и сува храна. Дури и гулашот и гравот во спецификацијата доставена до МВР од страна на фирмата Индустри сервис се во конзерви, изјави Чулев.

Во деновите кои претстојат, институциите ќе треба да одговорат на прашањата дали храната која ја јадат нашите специјалци е безбедна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.