Дали и министерството за правда е вмешано во аферата “Мафија“?!

Злоупотребата на идентитет и матични броеви на државјани на Република Македонија при издавањето на официјални македонски исправи на мафијашки босови, ги вмешува Управата за водење на матични книги, во надлежност на министерот за правда Бојан Маричиќ.

Аферата Мафија добива стравични димензии. Над 200 лица, нарко босови, мафијаши, убијци и криминалци се стекнале со официјални македонски пасоши со идентитет на лица од Република Македонија или лица од други земји со македонско државјанство. Флоријан Мусај, водач на нарко картел од Албанија, Стефан Ѓукиќ од Србија, Јован Вукотиќ од црногорски нарко картел, Седат Пекер бос на турска мафија и стотина други добиле македонски пасош од македонското министерство за внатрешни работи.

Притоа биле злоупотребени имиња и матични броеви на државјани на Република Македонија, што отвора сомнеж дали во оваа криминална операција за поддршка на мафијашките босови и други институции освен МВР, се вмешани и други институции.

Логично се поставува прашањето колкава улога има и Министерството за правда, предводено од Бојан Маричиќ, во целиот скандал. Токму Управата за водење на матични книги е орган под негова надлежност, а оваа Управа е одговорна за идентитетот, имиња и презимиња и матични броеви на граѓаните во Македонија.

Во рамки на оваа Управа која е дел од Министерството за правда постои Сектор за управно-надзорни работи во областа на матичното работење, планирање и анализа, во чиј состав е Одделение за надзор над матичното работење и комункација со МВР и други државни органи и институции. Која е улогата на овој Сектор и ова одделение во давањето на лажни идентитети и злоупотреба на матични броеви и лични имиња на познати мафијаши, засега нема одговор ниту од институциите, ниту од обвинителството кое отвори случај само за вработени во МВР.

Досега во јавноста нема ниту став за овој скандал од министерот Маричиќ, иако тоа се очекува од министер под чија надлежност се токму водењата на матичните книги во Република Македонија.

Во 2009 година е донесен Меморандум за соработка за координирање на работите и надлежностите поврзани со граѓанските состојби, матичното работење и државјанството. Меморандумот беше склучен помеѓу Управата за водење на матичните книги и Министерството за внатрешни работи.

Овој меморандум има за цел да обезбеди координирање на работите и надлежностите поврзани со граѓанските состојби, матичното работење и државјанството, кои произлегуваат од Законот за матичната евиденција, Законот за матичниот број на граѓанинот, Законот за личното име, Законот за државјанството на Република Македонија, Законот за семејството, помеѓу Управата за водење на матичните книги и Министерството за внатрешни работи. Сите овие закони директно се прекршени во Аферата Мафија и тоа отвора дилеми за поврзаност со организираниот криминал и на Управата и ресорното министерство за правда.