Дали има злоупотреба на поранешниот ректор Сашо Коруноски?

Поминаа повеќе од осум месеци по поднесувањето на моите пријави до трите институции од 03.06.2022 година, до: Основното јавно обвинителство-Скопје-РО 249/22, Државната комисија за спречување на корупција-12-5560/1 и Управата за финансиска полиција – 1589/1, а во врска злоупотреба на парични средства од Фондот за функционирање и развој на Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола (УКЛО), каде што наместо за развој на универзитетот и студентите, финансиските средства завршувале на лични сметки на ректор, проректори, генерален секретар на универзитетот и декани. Од горенаведените институции нема ни глас, ни одговор. Иако е даден службен исказ пред органите на МВР-Скопје. Од страна на Основното јавно обвиниелство од Скопје сум известен дека кривичната пријава е примена на 03.06.2022 година, и веднаш е постапено, па јавниот обвинител од Скопје ја препратил на надлежно постапување до Основното јавно обвиниелство Битола. Основното јавно обвинителство – Битола, го доставува до МВР-Битола, па МВР-Битола го доставува до МВР-Скопје, каде во МВР-Скопје давам исказ за целокупниот случај за сомнеж на криминал и корупција. Како што сум известен целиот предмет е во Основното јавно обвиниелство во Битола. Зошто Основното јавно обвинителство Битола го премолчува предметот, може да се претпостави, а за сето ова е запознат и претседателот на Советот на јавни обвиниели Антонио Јолески, кој истиот доаѓа од Основното јавно обвинителство од Битола, кое избегнува да одговори. Зошто?!

Почитувани читатели, за ваше запознавање

Поднесените пријави до горенаведените институции од моја страна е сомнеж за криминал и корупција, а тие надлежни институции треба да испитаат дали има злоупотреба на пари од формираниот Фонд за функционирање и развој на универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола. Па така, од тој фамозен Фонд за функционирање и развој на универзитетот, поранешниот ректор Сашо Коруноски за неколку години му се исплатени 1.997.595 денари или над 30.000 евра. На поранешниот проректор, а сега ректор Игор Неделковски од овој Фонд му се исплатени 525.953 денари или нешто над 8.500 евра. Ако се отвори алатката „Отворени финансии“ ќе се види дека Неделковски под ставката патување во земјата-хранарина (дневници) исплатени му биле и по 10.000 денари. По околу 9.500 денари му биле исплаќани и под ставката други договорни услуги. Средствата му биле исплаќани од 2017 година (кога ректор бил Сашо Коруноски). На сметката на проректорот Љупче Кочоски (сега починат) му биле исплатени 585.875 денари или  9.500 евра, а на сметката на проректорот (сега вработен на Филозофскиот факултет при УКИМ-Скопје) Марјан Ѓуровски му биле исплатени 690.000 денари или околу 11.000 евра. Пари им биле исплаќани и на генералната секретарка Офелија Христовска во износ 226.496 илјади денари, потоа на деканот на Факултетот за туризам и угостителство Охрид, а сега проректор на овој универзитет Цветко Андреевски, на кого му биле исплатени 158.800 денари, на деканот на Технолошко-техничкиот факултет Велес-Татјана Калевска и’ се исплатени 164.800 денари…

Од проверките што ги направив во Отворени финансии, речиси на сите членови на ректорската управа им биле исплаќани пари од овој Фонд и тоа за исти ставки.

Што работаат институциите?

Деновиве лично се обратив до ДКСК и до Управата за финансиската полиција во Скопје за тоа до каде се постапките од поднесените пријави, а тие велат: „чекаме да добиеме писмен одговор од Основното јавно обвинителство-Битола и ќе ви одговориме“. Значи чекаат одговор и овие институции од Основното јавно обвинителство-Битола? Чудно, а вистинито! Исто така, се обратив до Основното јавно обвиниелство во Битола, до каде е постапката, само ми рекоа дека го „бараат поднесокот ќе го најдат и ќе постапуваат“. Зарем е можно ова, кога ќе го најдат ќе постапуваат. Трагикомично, како ни работи обвиниелството во жална Македонија! Но, и покрај се’, не остапувам одам до крај. Останува да ги известам и меѓународните институции!

Како работел Сашо Коруновски

Какви се состојбите на овој битолски универзитет, од владеењето во два мандата на ректорот Сашо Коруноски доволно говорат следните податоци за што се грижел овој ректор и на кое ниво е Универзитетот на меѓународни скалила… Затоа останува на новиот состав на ректорската управа да ги поправат и решат сите состојби и незаконски дејанија. Да почнам по ред:

Деновиве, во Битола, на ШИРОК СОКАК, пиејќи кафе со мои пријатели кои меѓу другото евоциравме спомени за многу моменти, како и за многу пријатели кои не се меѓу нас како што е поранешниот ректор и професор Божидар Маслинков и други, бев изненаден од известувањето дека состојбите на Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола, во овие последни години се во загрижувачки состојби, па ми раскажуваат: „дека ректорската зграда е руинирана, се распаѓа и ми покажуваат слики, од каде што се гледа влезот на ректоратот и sидовите се распукани и се распаѓаат, кровот течел, а можно е и да падне, по sидовите во канцелариите има мувла и нема здрави услови за работа, оградите се распаднати, секако жално, а за сето ова вината ја гледаат и го обвинуваат поранешниот ректор Сашо Коруноски, кој воопшто ништо не го интересирало, само лични интереси. Колку се интересирал Сашо Коруновски за состојбата на зградата доволно говори фактот што зградата на ректоратот нема имотен лист и нема уличен број. Само да се знае, ми велат, оваа руинирана зграда на Ректоратот има големо историско-културно значење. Но, за поранешниот ректор Сашо Коруноски, „тоа ништо не му значело“. Жално, ама вистинито.

Нема да говорам за злоупотребите кои се правени во периодот на мандатите на овој ректор со службените возила, за „журките“ во службениот стан кои го поседувал Универзитетот и слично.

Но, еве што е интересно и да знаат битолчани. Поранешниот ректор Сашо Коруноски што го интересирало најмногу и ништо помалце не ја интересирало сега пензионираната генерална секретарка Офелија Христовска, а тоа е што носат Решение (подготвено од Офелија Христовска), каде што за „потребите“ на Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола (УКЛО), си ангажираат адвокат, („ми велат адвокат за интересите на Сашо Коруновски“) па така, ректорот на 17.12.2021 година, склучил Договор за налог и застапување со адвокатот Горан Попоски од Битола, за период од една година и со висина на награда во нето износ од 360.000 денари, плус ДДВ, кој адвокат ќе давал правни услуги кои се поврзани со вршењето службени овластувања, ќе го застапувал Универзитетот пред судовите и другите органи, ќе давал мислења и совети за примена на законите и другите прописи. (Небаре Универзитетот е трговско друштво, а не за развој на наставата, студиски програми, научни проекти, научни истражување за развој на единиците на факултетите кои се во рамките на овој Универзитет). И секако плаќањето на наградата да се врши од средствата на УКЛО-Битола. Овде е интересен и склучениот Договор за налог и застапување од страна на (поранешниот ректор) Сашо Коруноски и адвокат Горан Попоски. Во тој договор во членот 6 стои: „…годишниот износ од 360.000,00 денари + ДДВ ќе се исплаќа месечно на еднакви износи на секој месец, согласно доставената фактура до престанокот на договорот“. Во членот 7 од истиот Договор (многу интересно) цитирам:„ Налогодавецот (универзитетот) се обврзува во случај налогопримецот (адвокатот Горан Попоски) да мора согласно налог определени дејствија да ги извршува надвор од град Битола, поточно во друг град вон седиштето на налогопримецот (адвокатот) да му исплати дневница, а ако користи сопствено возило и надомест за возилото кој изнесува 30% од најскапиот бензин по изминат километар“… има и други пикантерии. Се поставува логичното прашање на (поранешниот) ректорот Сашо Коруноски, што работи магистерот за правни науки Генерален секретар Офелија Христовска? Кои и’ се работните задачи? (Како што ме известуваат моите пријатели кои ги знаат состојбите на Универзитетот, генералниот секретар Офелија Христовска добивала личен доход од над 40.000 денари и плус други привилегии, како што е и од Фондот за  функционирање и развој на Универзитетот. Дали ги исполнила работните задачи по опис на работење? Исто така, мои читатели, во ректоратот има вработени лица правници, кои се нивните работни задачи?. Вака ли се штити интересот на Универзитетот со ангажирање на „приватен адвокат“, при  магистер генерален секретар и правници вработени во Универзитетот? Наместо домаќински да се работи и секоја пара да биде искористена во права насока, а не да се дозволи да се распаѓа и да падне ректорската зграда или грижа за современа настава, научна работа, нагледни срества, од негрижа на поранешната ректорска управа на чело со ректорот Сашо Коруноски и други како него кои си ги гледале само личните интереси!.

Интересна работа, по мене загрижувачка, а тоа е: Како ќе одговори поранешниот ректор Сашо Коруноски заедно со неговата поранешна ректорска управа, за постапката за добиената зграда за користење на Универзитетот бр.9 на КП 17595 во поранешната касарна за што се користи, кој ги користи? Дали е точно дека добиената зграда КП 17595 во поранешната касарна се користи како магацински простор од некои фирми? Што значи со оваа добиена Универзитетската зграда стопанисуваат фирми и се користи како магацински простор? Битолчани се чудат за вакви постапки на одговорните на Универзитетот? Треба да одговори Сашо Коруновски, Офелија Христовска генерален секретар, „ангажираниот адвокат Горан Попоски“… Дали за оваа Универзитетска зграда има Договор на Универзитетот со фирмите и колку наплаќа универзитетот? И каде одат парите од кириите? Велат, такви договори нема? И пак прашувам: Каде завршуваат парите? Треба да одговори Сашо Коруноски и генералниот секретар Офелија Христовска! Секако треба да одговори и адвокатот Горан Попоски за извршените или неизвршените работи со кој бил задолжен како адвокат и застапник на Универзитетот! Исто така, за ова треба да одговорат: Внатрешниот ревизор (на универзитетот) кој треба да го има секој универзитет. Што превзема новата ректорска управа на чело со новиот ректор Игор Неделковски? Има многу прашалници за решавање, како и одговорности пред се’ на поранешната ректорска управа, проректорот за финансии и развој, генералниот секретар, правници вработени, раководителот на секторот за финансии, сметководство, инвестиции и развој и други. Недвојбено новата ректорска управа на чело со ректорот Игор Неделковски треба да ги расчистат овие прашалници, а за сомнежите на криминал и корупција да поведат кривични постапки до надлежните институции против членови на поранешната ректорска управа, во спротивно се подржувачи и  соучесници на криминал и корупција кои треба да сносат одговорност што се случувало на овој Универзитет. На потег е ректорот Игор Неделковски и проректорот определен за финансии и развој!.

Горенаведеното е само еден мал дел на констатации, на овој Универзитет. Целокупната документација ќе биде доставена до надлежните институции.

Во однос на работата на Универзитетот на примената на Законите, правилниците на овој универзитет од страна на поранешниот ректор Сашо Коруноски, истите доследно не се почитуваат: како што е постапката во наставно-научно звање, суспендирање на наставно-научниот совет примерот со Технолошко-техничкиот факултет Велес, злоупотреба на сенатот и слично. На што со право реагираат повеќе факултети и професорите, а тоа е непримената на Статутот на УКЛО член 195, каде во ниту еден од наведените акти не стои дека ректорот Сашо Коруновски предлага членови на Комисијата за самоеваулација на УКЛО, а уште помалку дека тоа го прави во договор со претседателот на Комисијата, туку стои дека: „Со Комисијата за самоевалуација на Универзитетот раководи претседател избран од редот на наставниците членови на Комисијата. Претседателот на Комисијата го избираат членовите на комисијата“. Или пак поранешниот ректор Сашо Коруновски лично на Сенат предлага кој ќе биде  претседател на Сенат, кој ќе биде овластено лице за прием на пријави на корупција на Универзитетот или кој ќе биде претседател или член на комисијата за избори… за комисија за трет циклус… Или пак под раководство на ректорот Сашо Коруновски и поранешната ректорска управа носат заклучоци за службени патувања на ректорот Сашо Коруновски во Будимпешта-Унгарија, заради учество на Годишна конференција од неколку дена, или службено патување на проректорот за наука Игор Неделковски во Барселона, Шпанија, во организација на ЕУА и слично. Не е проблемот што овие од ректорската управа одат да учествуваат на меѓународни конференции за високото образование. Проблемот е во тоа што прават како фидбек (повратно) го прават и применуваат на Универзитетот. НИШТО!

Само како факт и податок каде се наоѓа Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола, на скалата на ранг листата на домашно и меѓународно ниво. Еве факти:

Во организација на „Вебометрикс“-Webometriricg Ranking of Worid Universities“-Шпанија, за 2022 година, беа објавени рангирањата на универзитети во светот, што оваа организација ги прави повеќе од 15 години, а според методологијата се мерат научните достигнувања на персоналот по универзитети и нивното влијание во светот.

Веднаш да истакнам дека, нашите македонски универзитети, не се наоѓаат меѓу првите петстотини (500), ниту меѓу првите илјадата (1000) на ранг листата, туку нашиот најстар и најдобар Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје се наоѓа на 1594 место. Од Балканските земји меѓу првите петсто (500), се универзитетите во Белград (447), Љубљана (332), Загреб, додека софискиот универзитет е на 988 место, а Универзитетот во Нови Сад на 1009 место…

Според оваа листа од македонските универзитети, според рејтингот, втор е универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на 3711 место, трет е ЈИЕ-Тетово на 4547 место, четврти е УТ-Тетово на 4610 место, петти е универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола на 6304 место. Кога сме до овој универзитет со право има реакции од страна на многу професори кои велат „ваков неспособен ректор како што е Сашо Коруновски не сме имале, на претходниот ректор (Жоглев) може да му носи вода“. Од причина што си ги „гледал личните интереси“, велат професорите си ангажирал „личен адвокат“, да го застапува него, и универзитетот, со постоечки генерален секретар на универзитетот, со катастрофални наставни програми (Економски факултет-Прилеп), со немање наставен кадар на Ветеринарниот факултет во Битола, а да не се зборува за научна-истражувачка дејност.

ВидиМакедонскиот бродолом на високото образование и наука

Види:Избор на ректор на УКЛО-Битола

Ова е само еден дел од работата на поранешниот ректор Сашо Коруновски и неговата ректорска управа. Останува новата ректорска управа со ректорот Игор Неделковски да превземаат соодветни чекори, затоа што Битолскиот универзитет тоа и го заслужува.

Со нетрпение го очекувам вашиот одговор на мојата колумна, за да ги расчистиме вашите дилеми околу работата на Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола. А, целокупната документација ќе ја доставам до надлежните органи и меѓународни институции.

Битолскиот универзитет, како втор најстар универзитет во Македонија, заслужува поголемо внимание и сериозна ректорска управа!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес