Дали менување банкноти се дел од активности во вонредна состојба?

Народната банка реагираше на пишувањата на медиумите дека во време на вонредна состојба склучила договор за изработка на нови банкноти од 10 и 500 денари. Оттаму тврдат дека  издавањето на нови серии банкноти во апоени од 10 и 500 денари во текот на првата половина на оваа година беше планирано уште во текот на 2018 година, врз основа на среднорочните анализи за количини коишто се потребни заради редовна замена на книжните и кованите пари од постојните изданија, коишто се повлекуваат заради губење на карактеристиките за соодветност за оптек, како и заради обезбедување и одржување континуитет на воспоставениот редовен процес на снабдување со готовина.

Во врска со одлуката на Народната банка на Македонија се огласи и професорката Тања Каракамишева.

Нејзиниот ФБ стаатус ви го пренесуваме во целост:

„Денес остварив телефонски разговор со претставник од Кабинетот на Гувернерката во кој ми беше објаснета причината зошто е објавена одлуката, објаснување што е подолу наведено.

Најнапред, се заблагодарувам за културниот однос на претставникот на Кабинетот.

Во овие времиња тешко се наоѓа култура во комуникацијата.

Но, и покрај се што беше пренесено во таа комуникација останува да лебди прашањето зошто правниците во Народната банка не и сугерирале на Гувернерката да почека да помине вонредната состојба и зошто објавувањето на одлуката го направиле токму во време на вонредна состојба ако се знае дека во вонредна состојба се преземаат активности и работи што се исклучиво поврзани со успешно надминување на вонредната состојба? Затоа и се нарекува вонредна состојба!

Дали менувањето на банкнотите е дел од активноста за санирање на вонредната состојба?

Се сомневам!

Оттука произлегува и дилемата во јавноста дали оваа мерка нема некаква скриена намера и зошто се презема токму сега?

Дали не можеше да се почека месец-два додека не заврши вонредната состојба и ако се работи за тековна активност зошто не била донесена одлука за стопирање на процесите
додека трае вонредната состојба?

Со оглед дека се работи за многу отворени прашања кои лебдат во воздухот и натаму се остава простор за сомнеж во целиот процес, но и во правната исправност на преземените чекори.

Како и да е, времето ќе покаже зошто нешто е преземено токму во услови на вонредна состојба и зошто не е почекано да помине епидемијата за работите да имаат нормален и редовен тек.