Дали може да раководи со општина човек осуден за шверц на цигари?

Боро Стојчев, кој беше осуден за обид на шверц на цигари, може да се врати на градоначалничката функција на општина Ново Село, бидејки нема законска основа да му биде одземен мандатот.

Намалување на казната на градоначалникот на Ново Село од 18 на 6 месеци затворска казна,  е во рамки на законот, меѓутоа очигледно е дека со одлуката се тактизира да може повторно да ја врши функцијата градоначалник. Со ова судска одлука на Стојчев му се овозможува да го исполни условот што е предвиден со член 54 од Законот за локална самоуправа, каде се вели дека мандатот му престанува ако е осуден на казна затвор над шест месеци, вели за Нетпрес, адвокатот Звонко Давидовиќ.

Според него прашање е колку и дали може да раководи со општината човек кој е осуден за шверц на цигари.

Без разлика за колкава општина се работи, и со каков буџет располага, сепак се работи за човек кој е осуден за шверц. Ова го мислам и како обичен граѓанин, бидејќи ние во минатото се боревме против селективна правда, а со ова прогледување низ прсти се остава лош впечаток, вели  Давидовиќ.

На 10-ти јули годинава градоначалникот на Ново Село, заедно со уште четири лица, во класично мафијашки стил – сите роднини, беше фатен  со две возила кај селото Бадилен на локалитетот Попова Чука на два километри од бугарската граница, при обид за шверц на цигари во близина на македонско-бугарската граница, а притоа беа запленети околу 3.300 штеки цигари во вредност од повеќе од три милиона денари.

Градоначалникот Стојчев до крајот на оваа година ќе биде на слобода и ќе продолжи да ја води општината.  Ново Село ќе се соочеше со локални избори, доколку не се намалеше казната затвор на градоначалникот Стојчев.