Дали решението на спорот за името е Република Северна Македонијa?!

Република Северна Македонија е најизвесниот предлог за решавање на спорот со името иако во отсуство на официјални информации неофицијалните сѐ повеќе укажуваат на ваквиот исход од интензивните преговори меѓу Скопје и Атина за надминувањето на деценискиот спор.

Не се исклучува можноста веќе во среда во телефонски разговор премеирот Зоран Заев односно Алексис Ципрас да го верификуваат ваквото решение кое би било повод и за средбата во Преспа, пишува 24 Вести. Агенцијата МИА, пак, во вторникот вечерта, повикувајќи се на владини извори наведува дека сите опции и можни решенија не се исклучени. Дипломатски извори тврдат дека се разговара и за Република Илинденска Македонија.

Во меѓувреме во пресрет на евентуалната средба меѓу Заев и Ципрас, од којашто се очекуваат клучните моменти поврзани со спорто за името, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ја заврши својата посета во Брисел каде што имаше разговори со европските челници и негови колеги по должноста за текот на преговорите меѓу Скопје и Атина.

Во последната изјава Димитров наведе дека „треба да има јасна дистинкција дека стартот на преговори не е исто што и пристапувањето во ЕУ. Ова треба да биде признаено. Има два до три изборни циклуси меѓу двата настани, а пристапувањето е алатка што е тука да ги помогне реформите. Ако го барате истото ниво на демократска зрелост како онаа што се бара за влез во ЕУ тогаш процесот нема смисла. Имаме искуства со земји што почнале преговори, а потоа се најдоа блокирани. Нема автоматизам. Секогаш кога се политизира овој процес тој не успева“.

И додека македонската влада не открива детали, нивните голеги во Атина бараат трпение од тамошната јавност, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и грчките медиуми објавуваат конкретни точки од планот за решавање на спорот со името. Македонското министерство за надворешни работи засега нема никаква реакција за објавениот план.

Според планот што го објавија грчките медиуми, но и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, доколку двајцата премиери постигнат договор, ќе го потпишат на почетокот на месецов во Преспа. Договорот ќе треба да мине во Собранието, за што ќе биде потребно мнозинство од 61 пратеник. Доколку договорот мине во македонското Собрание, Грција ќе испрати писмо до НАТО за да одобри прием на Македонија во НАТО и писмо до ЕУ за поддршка за почеток на преговорите.

На 28-ми јуни премиерот Заев ќе биде поканет на самитот на ЕУ официјално да го прими датумот за почеток на пристапни преговори. На 11/12 јули Скопје ќе ја прифати официјалната покана за НАТО.

Според планот референдум за името би се одржал во октомври, со кој Заев ќе треба да покаже дека мнозинството граѓани ја прифаќаат рамката за промена на името. Договорот за промена на името ќе дојде за гласање и пред грчкиот парламент, по што ќе почне процесот на ратификација во другите земји членки на НАТО. Целиот процес би завршил кога на крај кога ОН, ЕУ и НАТО ќе го признаат новото име.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.