Дали СДСМ го употребува полициското следење на комуникации во политички цели?

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на завчерашниот ТВ дуел со Радмила Шекеринска јавно обвини за физичко и електронско следење на највисоките опозициски функционери од страна на безбедносните служби на државата.

Оваа прилично шокантна информација тој ја поткрепи со неколку примери на сликање и снимање на партискиот лидер Христијан Мицкоским како и за пресретнати координации по телефони од кои потоа очигледно на лидерските средби лидерот на СДСМ, Зоран Заев, имал предност при креирање на позиции во однос на опозицијата.

Ова тврдење на Николоски впрочем не е ни прво во низата недоследности кои системот на реформи на безбедносниот систем ги остави зад себе. Најпрво, АНБ или по старо УБК, сѐ уште има технички можности без посредство на ОТА, а и без некоја посебна контрола од ОЈО да следи комуникации. Токму овој простор, оставен под плаштот заради заштита на „државните интереси” дава можност преку една широка, и нејасна формулација на заштита на уставниот поредок и тероризам, АНБ директно преку Врховниот суд да може да следи политички противници на власта.

Некој ќе се запраша како е тоа можно? Многумина го имаат подзаборавено случајот на службените белешки со лажна содржима на припадници на УБК доставени до ОЈО со кои пред две години беше баран притвор за поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ поради наводно поседување имот надвор од државата.

Ваквата конструкција во спрега со Обвинителството е впрочем најтемната страна на ДБК/УБК/АНБ повеќе од 70 години откако е формирана како дел од југословенската ОЗНа. Апсолутно никој, а најмалку ВМРО-ДПМНЕ не треба да има целосна доверба во работата на сегашното раководство на АНБ особено, заради фактот што добар дел од нив директно учествувале во операции на политичко разузнавање на оваа партија во минатото. Конструкции и имагинации од стилот дека партијата се финансира од некакви странски извори или постоење некаков анти-западен наратив на нејзините челници, па затоа се легитимна цел за следење на нејзините првенци никогаш не треба во целост да се исклучат.

Ова е од особено значење затоа што врз таквиот вид на операции на АНБ нема целосен увид ниту ОТА ниту, пак, парламентарната Комисија за надзор над работата на службите. Паралелно на просторот на делување на АНБ врз опозцијата може да се надоврзат уште најмалку две алатки за нејзино следење.

Првата е секторот за прикриени полициски операции во рамки на БЈБ со кој раководи Тони Јаневиќ, брат на Љупчо Јаневиќ, шефот на обезбедувањето на Зоран Заев. Нашите информации говорат дека токму сегашниот директор на БЈБ, Сашо Тасевски, а поранешен бодигард на Заев и поранпениот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, по ниту еден основ не дозволил промена на Тони Јаневиќ од ова началничко место за прикриено следење. Дали и какви прикриени полициски дејствија имал овој сектор на Јаневиќ останува да се утврди наредниот период.

Инаку Јаневиќ од својот фејсбук профил (дискутабилно е дали лице на вака осетлива безбедносна позиција треба да има профил на социјална мрежа) упатува невкусни шеги за ЛГБТ заедницата, борбата на БиХ против короната, го напаѓа ВМРО-ДПМНЕ додека го велича Филипче и навредува граѓани дека се ретардирани во коментари на постови на СДСМ поддржувачи

Ниеден од овие факти не остава простор дека физичкото следење во Македонија е во раце на професионален и неполитички пристрасен началник.

Втората, но не помалку битна алатка на власта за следење и операции кон опозицијата е Агенцијата за разузнавање под капа на претседателот Стево Пендаровски. Дали двајца оперативци со техничка опрема и возило на оваа агенција биле на народен собир на кој биле присутни и неколку луѓе од врвот на ВМРО ДПМНЕ? Ако присуствувале нејасна е целта на нивното присуство на настан одржан на територија на државата со службено возило и опрема кога се знае дека нивната работа е надвор од границите на Македонија.

Директорот на АР, според неофицијални информации, на средбите со странските разузнавачки претставници изнесувал политички ставови по однос на опозицијата, а во корист на власта. Нејасно е зошто на интернет страницата на агенцијата недостасуваат годишните извештаи за изминатите две години, а ги нема ниту завршните сметки за изминатите двет години на оваа институција.

Транспарентноста овде очигледно затајува. Дали некои нови свиркачи или можеби Јавниот обвинител или министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ќе успее да ги потврди сомневањата на опозициските првенци дека се навистина следени останува да видиме.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.