Дали се уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење на измислени извори?

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, изразува згрозеност од содржината на јавно објавеното решение за притвор на поранешниот секретар на владата Кирил Божиновски, каде се цитира идентична службена белешка на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), како и во случајот на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, врз основа на којашто како осомничени во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) им беше одредена мерка притвор.

На идентичен начин се злоупотребува Претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски.

Категорично ги негираме изнесените наводи во службената белешка на УБК и информираме дека ниту е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негираме и дека е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, се истакнува во изјавата на Кабинетот на шефот на македонската држава.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија јавно прашува дали се’ уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење на измислени извори?

Јавно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат врз основа на што се следат активностите на Претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет, од страна на УБК.

Врз основа на ова, ги повикуваме собраниската Комисија за надзор над работата на УБК, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да утврдат одговорност за целиот случај и да го известат Претседателот на Република Македонија, се додава во објавата

Од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија велат дека се’ уште немаатнема добиено одговор за барањата упатени вчера, до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје, за достава на службената белешка на МВР-УБК, за којашто  категорично тврдат дека е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на Претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

Информираме дека за овој случај, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија извести странски дипломатски претставници во Република Македонија, се вели на крајот од соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.