Дали Шилегов воопшто има дозвола за градење и дали изведувачот е поврзан со тендерите на Град Скопје, праша Стоилковски

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред луксузната зграда–дивоградба нема поставено ниту задолжителна информативна табла, табла со имиња на проектантот, инвеститорот, изведувачот, кој врши надзор над работата и најважното – бројот на дозволата за градење, рече во понеделникот на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Па Шилегов, имаш ли ти воопшто дозвола за градење? Кој ти ја издал таа дозвола за градба над дозволеното? Колку комуналии имаш платено за тоа? Тече рокот Шилегов да го покаже јавно документот од Општина Карпош, дозволата, согласно којашто тој излегува од висината која што е норматив за овој урбанистички реон. А, покрај дозволата за градба, Шилегов, нека покаже и склучениот договор со изведувачот“, рече Стоилковски.

Портпаролот на опозициската партија притоа праша дали станува збор за компанија којашто има некаква врска со тендерите во Град Скопје и дали е фирма блиска до јавните претпријатија на Град Скопје.

„Има ли Шилегов некаква уплатница, уплата, финансиска трансакција кон таа фирма? Дали се работи за компензација? Или можеби благодарница за добиен тендер, работа за Град Скопје или јавно претпријатие под Град Скопје? Десетина дена за семејната зграда на Шилегов збори и се скандализирана сета јавност, само инспекциските служби, ниту од урбанизам на Карпош, ниту Државниот инспекторат за урбанизам никаде ги нема“, истакна Сотилковски.

„Нема полошо од СДСМ, за Скопје нема полошо од Шилегов“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.