Под мотото „Напрај се Василичар,“ Вевчанци ги завршуваат подготовките за Вевчанскиот карневал. Маските се подготвени, Василичарите го чекаат 13 јануари за конечниот почеток на карневалот стар милениуми. Вевчанци прашуваат: „Кеојш?“ Одговорот веќе го знаете: На Вевчански карневал!
Вевчанци, видно возбудени, и оваа година очекуваат рекорден број на посетители. Минатата година над 10 илјади гости присуствуваа на Вевчанскиот карневал, а домаќините велат дека секоја година бројот се зголемува.
Тие сѐ уште ги чуваат во тајност маските коишто ги подготвуваа во текот на целата година, но најавуваат многу сатира, креативност и одлична забава.
Рестораните и кафеаните се подготвени за да ги пречекаат илјадниците гости. Тие велат дека неодоливата вевчанска кујна и вкусното вевчанско вино несомнено ќе ве расположат и покрај ниските температури.
Искористете го продолжениот викенд за да го посетите овој несекојдневен настан, а воедно и да уживате во вевчанскиот крај цели 5 дена. Вевчанци како домаќини, ветуваат луд и незаборавен провод со многу хумор и сатира.
Вековната традиција и историја на Вевчанци вреди да се почувствува на Вевчанскиот карневал. Вевчани и Вевчанци се подготвени, а вие?