Дали вакцината од 1921-та може да се примени во борбата против Covid-19?

Британските научници започнале со тестирање на BSG (БеСеЖе) вакцината развиена уште во 1921 година, која би можела да се примени во борбата против ширењето на коронавирусот, имајќи предвид дека постојат некои навестувања според коишто токму вакцината против туберколозата дава одредена форма на заштита и од другите инфекции.

Во студијата којашто се спроведува на Универзитетот Ексетер ќе учествуваат околу илјада лица, пишува BBC.

Само во Велика Британија милиони луѓе уште во детството биле вакцинирани против туберколозата, но научниците претпоставуваат дека ќе мора повторно да се вакцинираат за да се постигне потенцијалниот ефект на заштита.

Вакцините дејствуваат така што го „тренираат“ имуносниот систем кај човекот, гарантирајќи му на тој начин долготрајна заштита од одредена инфекција. Меѓутоа, овој процес предизвикува големи промени во имуно-системот, со што можно е да се зајакнува одговорот и на другите инфекции, и на тој начин се стекнува одредена форма на заштита и од коронавирусот, сметаат британските научници.

„Ова сознание би можело глобално да биде од големо значење. Иако не веруваме дека тоа би можело да овозможи заштита од заразата со коронавирусот, потенцијално би можело да ни ‘купи време’, односно да гарантира неколку дополнителни години додека не се развие вакцина и други ефикасни видови лекови за оваа болест“, вели за BBC професорот Џон Кемпбел од Медицинскиот факултет при Универзитетот Ексетер.

Студијата спроведена во Велика Британија е дел од меѓународното истражување BRACE, коешто истовремено се спроведува и во Австралија, Бразил, Холандија и Шпанија, а во неа вкупно се вклучени 10.000 лица. Ќе биде фокусирана на здравствените работници, бидејќи тие почесто и повеќе се изложени на коронавирусот, па и научниците порано ќе дознаат дали вакцината е делотворна.

„Според една теорија BSG вакцината би можела да помогне да не се разболете доколку се заразите со коронавирусот. Значи, во вакцинирањето со BSG вакцината гледам можност, донекаде, дополнително да се заштитам, што значи дека се поголеми шансите дека оваа зима непречено ќе можам да работам“, вели Сем Хилтон, лекар по семејна медицина од Ексетер, кој во истражувањето учествува како еден од испитаниците.

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), др Тедрос Аданом Гебрејезус, е еден од авторите на трудот објавен во научното списание The Lancet, во кој се наведува дека вакцината за туберколозата има потенција да го „премости времето до развојот на вакцина којашто ќе дејствува специфично на коронавирусот“.

Но вакцината за туберколозата не може да биде долгорочно решение. Секое подобрување на отпорноста на Covid-19 со времето слабее и исчезнува, што значи дека лицата коишто ја добиле BSG вакцината во детството повеќе не се заштитени. Покрај тоа, вакцината нема да успее да го „истренира“ имуносниот систем на луѓето да произведува антитела и токму оние специфични бели крвни зрнца кои го препознаваат коронавирусот и се борат против него. Што значи дека главната цел на научниците и натаму е да се развива вакцината којашто дејствува на коронавирусот, а моментално во фаза на клинички испитувања се најмалку десет такви препарати.