Дали во убиството во Ново Село се вмешани структури блиски до власта?

Во Македонија стана нормално да гинат луѓе откако СДСМ е на власт, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање кое се однесуваше на убиството на младо момче кошто се случи во струмичко Ново Село.

Тој додаде дека во градот Струмица се говорело и се пишувало на социјалните мрежи дека во целиот овој случај биле вмешани структури кои што имаат блиски релации до власта, а нормално, како што истакна, МВР за тоа молчи.

– Еве јавно прашуваме, дали во ова убиство се вмешани такви блиски структури до власта? Јавното обвинителство и МВР не треба да молчат, не треба да се обидуваат да прикријат и да сокријат било какви докази за убиство за едно недолжно младо момче за кое штотуку почнувал животот и нормално, доколку се вмешани, а сѐ повеќе се говори, се пишува по социјалните мрежи, се зборува низ струмичкиот регион дека се вмешани блиски луѓе до власта, треба најстрого да бидат казнети и нормално сите оние кои што им давале заштита и закрила да сносат одговорност. Не е првпат СДСМ да се обиде да сокрие убиство или докази, или било што поврзано со убиство, така беше и со трагично загинатиот ракометар од Хрватска Тот, така е и сега, но тоа за жал стана пракса на СДСМ. Очекуваме решавање во најбрз можен рок и очекуваме оние кои го извршиле овој грозоморен чин да одговараат, а доколку МВР продолжи да се однесува вака со обид да го затскрие ова дело и овој случај, нормално е да се поднесе оставка од највисоко можно ниво – рече Арсовски.