Дали за грабеж на банка во земјава веќе не се одговара, прашуваат оштетени штедачи на Еуростандард банка

Еуростандард банка се ограбувала со години за да на крај се затвори пред две и пол години. Веднаш откако се затвори, многу повикани и неповикани личности збореа за банката и сите се согласија дека се работи за масовен грабеж на депозити или организиран криминал кој се случувал во банката со години. Украдени се повеќе десетици милиони евра. И после толку поминато време нема ниту еден обвинет иако финансиската полиција констатира мрежа од фирми преку која се одлевале пари од депозитите како неповратни кредити одобрени од раководните лица во банката, реагираат оштетените штедачи од Еуростандард банка .

-Додека обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција започна истрага против четворица одговорни лица од банката за предизвикување стечај на банката и за перење пари пред речиси две години. И тоа е сé. Веќе две години нема ниту одлука од обвинителството ниту збор од надлежните институции за сторениот организиран криминал во Еуростандард банка. Нема никаква реакција ниту на јавното признание од Трифун Костовски, еден од осомничените лица за организираниот криминал, дека свесно сторил кривично дело поради кое исчезнале три милиони евра од депозитите во банката. Обвинителството и понатаму молчи додека законските рокови за нивна одлука од спроведената истрага за организираниот криминал во Еуростандард банка се веќе поминати уште минатата година. Па затоа се прашуваме дали за грабеж на банка во земјава веќе не се одговара!? Инаку, сите индикации покажуваат дека во Еуростандард банка се спроведувал континуиран грабеж на депозити со години. Не се почитувале ниту кредитната политика на банката, ниту политики и процедури за кредитен ризик. Се делеле кредити на некредитоспособни фирми без исполнување на основни критериуми за одобрување. Кредитите се одобрувани од раководниот тим на банката. Трифун Костовски, Николче Петкоски и Коста Костовски се раководните одговорни лица кои ги предводеле надзорниот, управниот и кредитниот одбор во Еуростандард банка и кои се носители во одобрувањето неповратни кредити на некредитоспособни фирми. Со нивни потписи се случувало масовното раздавање на неповратни кредити, активност која станала толку голема да банката пропадне и се затвори, велат штедачите.

„Еуростандард банка е добар показен пример за организиран криминал и корупција. Таму е почнат криминалот пред многу години, но не е и завршен. А би требало да заврши со кривична одговорност и казна за оние кои го организирале и спровеле криминалот. Страшно е што толку долго време нема никаква реакција од државата, од институциите кои се надлежни за справување со и казнување на нелегални криминални активности, а пред и се од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Дали неказнивоста е само поттик и охрабрување да се случуваат други слични криминални активности на штета на сите граѓани и фирми кои се значајни клиенти во банкарскиот сектор? Дали тоа значи и дека ограбувањето депозити на граѓаните и фирмите со неказнивост ќе стане пракса и од некоја друга банка во иднина? Игнорантскиот однос на државата и надлежните институции кон организираниот криминал во Еуростандард банка го покажува тоа“ – посочуваат тие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.