Дали за опозицијата „Македонија е се’ што имаме“?

Насловот на оваа колумна е инспириран од мемоарите, автобиографијата и целокупното политичко дејствување на, според мене како и на многу други граѓани на Република Македонија, таткото на современата македонска држава Киро Глигоров. Неговиот политички хабитус беше изградба на модерна и независна македонска држава во крајно неповолни економски и посебно геополитички околности.

Господинот Киро Глигоров крајно вешто и минуциуозно веслаше со македонскиот национален брод низ крајно политички и воено разбрануваниот Балкан. Токму поради тоа стана татко на нацијата и 001 политичар во Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, според своето влијание и политичка итроштина. Со оглед на персоналниот состав и политички капацитет на дел од раководството на тогашното ВМРО-ДПМНЕ, Киро Глигоров беше единствениот политичар кој можеше мирно да ја отцепи Република Македонија од тогашната СФРЈ.

Овој вовед на покојниот претседател на Република Македонија намерно го пишувам затоа што на последниот говор на претседателот на СДСМ, г-дин Зоран Заев, на 08 септември, годинава, го потенцираше и глорифицираше придонесот на покојниот Глигоров дека денеска имаме држава и тоа со сите нишани.

Сакам да кажам дека во принцип тоа е добро, но дали Зоран Заев сфаќа какво тешко бреме и наследство му е оставено да токму он биде сега 001 во СДСМ. Лично сметам дека ако тогаш политичките збиднувања беа крајно неповолни, периодов што нас ни претстои е уште подраматичен и понепредвидлив. Политичката хипотека што ја носи воопшто не е мала и безначајна, туку напротив го обврзува да го продолжи уште поуспешно и политички попродуктивно да го надградува делото на политичкиот „Стар Лисец“.

За жал во овој момент се наоѓа пред политичка барутана која несомнено лесно може да експлодира во неговото лице и во лицето на неговата партија, бидејќи сам изјави дека го заложува пред се’ и над се’ неговиот политички и личен кредибилитет и на раководството на СДСМ, кое патем брзопотезно ќе му го сврти грбот, а во исто време нема да знае кој е Брут од нив, ниту пак тој ќе биде Цезар. Морам да потенцирам дека во досегашната политичка историја и пракса во самостојната ни држава, немало пример без разлика дали тоа потекнувало од некогашните политички елити кои аферите претходно ги најавуваат.

Ова е првпат лидер на опозиција пред да ги објави наводните документи наречени бомби да делува толку политички инфатилно и дилетантски и да ја истакнува неговата лична и политичка самобендисаност и нарцисоидност. Напротив Зоран Заев има други квалитети кои треба да ги употреби во политичката борба и јасно да се дистанцира и огради од полициско новинарските подземни структури кои живеат во минатиот век, а приходуваат уште подобро во овој век.

Во овој момент не би сакал да бидам во тесната политичка кожа на Зоран Заев затоа што во моментов тој е притеснет од две радикално спротиставени политички безбедносни и бизнис групации со свои лукративни интереси. Имено едната предводена од глодурот на еден независен печат-ен весник се залага заедно со неговата најверна труба по УСАИД порталите инаку некогашен висок функционер во МРТВ, за која злобниците велат дека имал сомнителни интимни афери, а другата групација која покажува нерезистентност и умереност и која полутајно и полујавно се залага за компромис и дијалог со власта и се препознава по скандалозните средби со политичките докажани и осудени мафијаши од медената ЕУ во Франција и посебно по скапиот стајлинг на нејзините чанти и гардероба, а богами и наочари.

Длабоко сум убеден дека првата групација околу Заев, која што ја споменав, ќе го однесе истиот во политички безизлез и ќорсокак, а втората групација предводена од влијателната евроинтегративка ќе му ја однесе целата СДСМ во борба против самиот Зоран Заев. Фактички тој е исправен пред политичкиот предизвик или да ги послуша ГЕМ-СОРОС медиумските бомбаши самоубици и да ја изгуби целата партија, или да го послуша последниот политички КОС-овец, со неговата државна секретарка од Министерство за одбрана која имаше фалсификувано високо образование посебно во делот на хеликоптерите, или да ја затвори СДСМ и да отворат нова партија, или пак да биде храбар како Слободан Милошевиќ вечерта пред парафирањето на Дејтонскиот договор кога со флаша жесток пијалок му кажува „Не“ на јастребот и воен злосторник Радован Караџиќ и мудро и државнички заедно со Холбрук и Кристофер го договара мирот на целиот Балкан. Се надевам дека ќе му дообјаснам во неколку реченици.

Поттикнат од последните изјави на двајца крајно влијателни евробирократи дека местото и улогата на опозицијата во секое демократско општество е да биде коректор на власта во едно општество , но институционално. Секој обид на претседателот на СДСМ да делува различно од европрепораките е политичко самоубиство.

За разлика од бомбашите, многу граѓани за нивна жал сакаат многу обични човечки работи како: да се радуваат на сопствените деца и нивните успеси, да се дружат со нивните пријатели, па и политички непријатели, да се однесуваат како политички филозофи, да гледаат ракомет и кошарка и да се радуваат или тагуваат на победите или неуспесите, да денгубат ако така им е мерак, да ги знаат сите ценовни политики на зелените пазари, да се шетаат мирно по улиците на своите населби итн.

Но, најмалку што сакаат граѓаните е да не бдеат пред своите тв уреди дали ќе започне политичка меѓуетничка борба која ќе премине во граѓанска војна, од која најмногу ќе профитираат одредени новинарски и евроинтегративни бомбаши со помрачени умови, во суштина исклучиво за своите финансиски политички лукративни интереси.

Затоа Зоран Заев секој ден треба да си ја повторува следнава реченица: Македонија е се што имаме!

Авторот е независен медиумски работник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.