‘Дали жртвеното јагне стаса’, ОН објавија разговор на убијците на Кашоги

Во моментите пред убиството на саудискиот дисидентски новинар Џамал Кашоги минатиот октомври во Истанбул, осомничените убијци чекале во саудискиот конзулат и биле вознемирени поради задачата којашто требало да ја извршат, се наведува во извештајот на Обединетите нации објавен во средата.

Дали „ќе биде можно да се стави трупот во вреќа?“, запрашал Матер Мутреб, саудиски агент кој работел за висок советник на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, за кого специјалната известителка на ОН за овој случај бара да биде отворена истрага.

„Не. Претешко е“, одоговрил Салах ал-Тубајги, форензичар од министерството за внатрешни работи кој подоцна го распарчил и фрлил телото, пренесува Reuters извадоци од извештајот на специјалната известителка на ОН, Агнес Каламард.

Ал-Тубајги рекол дека задачата „ќе биде лесна“. „Зглобовите ќе бидат одвоени. Тоа не е проблем. Телото е тешко. Првпат сечам на под. Ако земеме пластични кеси и го исечеме телото на делови, ќе биде завршено. Ќе го замотаме секој дел“, продолжил.

На Мутреб и уште десет припадници на саудиското разузнавање им се суди поради убиството на Кашоги на затворено за јавноста судење во Саудиска Арабија.

Саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубеир ги отфрли извештајот како „ништо ново“. „Извештајот на известителот во Советот за човекови права (при ОН – з.р.) содржи очигледни контрадикции и неосновани наводи кои го доведуваат во прашање неговиот кредибилитет“, додал.

Извештајот со кој се повикува на истрага против саудискиот престолонаследник принцот Мухамед бин Салман и други високи саудиски функционери поради одговорност за смртта на Кашоги, се потпира на снимки и форензички податоци на турската истрага и информации од судењето на осомничените во Саудиска Арабија.

Кашоги, критичар на престолонаследникот кој една година пред смртта замина во егзил во САД каде што пишуваше за The Washington Post, последен пат е виден на 2-ри октомври во саудискиот конзулат во Истанбул од кој нема доказ дека жив излегол.

Известителката на ОН заклучува дека убиството е сторено со предумисла, иако Ријад тверди дека Кашоги несакајќи загинал во физички инцидент во зградата на конзулатот. Американската Централна разузнавачка агенција (CIA) и некои други западни земји веруваат дека престолонаследникот го наредил убиството, што е отфрлено од саудиска страна.

Медиумите претходниот период објавуваа некои снимки направени на влезот од конзулатот од Истанбул на кои се гледаат возила со затемнети прозорци, но извештајот на ОН открива нови застрашувачки детали.

На крајот од разговорот до Тобајги, Мутребн прашува дали „жртвеното јагне“ пристигнало. Ниеднаш не се споменува името на Кашоги, но две минути подоцна тој влегува во зградата.

Кашоги кој дошол да вади документи потребни за женидба со турска државјанка, бил примен во кабинетот на конзулот на вториот кат, каде што го сретнува Мутреб, кого го познавал бидејќи заедно работеле во саудиската амбасада во Лондон неколку години претходно.

Мутреб му вели на Кашоги да му испрати на синот СМС-порака. „Што да напишам? Се гледаме наскоро? Не можам да кажам дека сум грабнат“, одговора Кашогу.

„Скрати го тоа… Соблечи ја својата јакна“, одговара Мутреб.

„Како ова би можело да се случи во конзулатот? Нема ништо да напишам“, вели Кашоги.

„Напишете господине Џамал. Побрзајте. Помогнете ни нам, за ние да ви помогнеме вам, бидејќи во крајна линија ќе ве вратиме во Саудиска Арабија, а доколку не ни помогнете знаете што на крајот може да се случи, овој проблем нека заврши добро“, рекол Мутреб.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.