Дамаск ги повика бегалците да се вратат во Сирија

Сириската влада ги повика сите граѓани кои биле принудени да бегаат од војната и терористички напади во земјата да се вратат во Сирија, откако беа ослободени повеќето од областите кои беа под контрола на исламистите, пренесуваат сириските медиуми.

Неименуван претставник на Министерството за иселеници и надворешни работи изјави за сириската новинска агенција “Сана”, дека ситуацијата во Сирија се променила по ослободувањето на многу области кои беа под контрола на терористите, било со акции на сириската армија или со активности во насока на помирување во земјата.

Тој вели дека многумина се вратија во своите ослободени села откако беа раселени во други области во земјата, пренесе „Раша тудеј“.

Претставник на Министерството истакна дека владата во Дамаск ја презеде одговорноста за безбедноста на граѓаните на Сирија, како и дека им гарантира задоволување на основните животни потреби.

Дамаск ја истакна потребата хуманитарните организации и меѓународната заедница да ги преземат своите одговорности и да помогнат во доброволното враќање на Сиријците во нивната земја.